Инфлуенсерка се бори за живот по пад од балкон во Тајланд, го скршила ‘рбетот на 24 места
Британска инфлуенсерка се бори за живот по падот од хотелски балкон во Патаја, пишува британски „Мирор“.
Препорачано
Британската инфлуенсерка Бет Клуг паднала од терасата на четвртиот кат од хотелот „Град на гревот“ (Sin City) во Патаја, Тајланд, а при падот го скршила ‘рбетот на 24 места, откриле нејзините пријатели.
Бет Клуг, од Гримсби, Линколншир, се вратила во својата хотелска соба пред да падне од балконот во раните утрински часови на 15 март.
Инфлуенсерката паднала на бетонска жардиниера од балконот на хотелот кој има 22 ката. По падот, таа не можела да ги движи рацете. Брзата помош ја пронашла во грмушките, во агонија од болки.
Инфлуенсерката била итно префрлена во болница додека нејзините пријатели очајно се обидуваат да соберат средства за нејзино лекување и повратен лет за Велика Британија. Работник во обезбедувањето во хотелот, кој бил на должност кога се случила несреќата, ги раскажал деталите и веднаш повикал брза помош:
„Слушнав звук како голем предмет да паѓа и да удира во грмушките. Побрзав да проверам и ја здогледав. Плачејќи бараше помош.“
Полицијата започнала истрага за инцидентот и рекла дека ги прегледува снимките од надзорните камери за да ја утврди точната причина. Компаниите за патничко осигурување бараат полициски извештај како дополнителен доказ.
Пријателка на Бет Клуг рекла дека инфлуенсерката сè уште не може да ги движи рацете, како и дека трпи неподносливи болки поради огромните повреди на ‘рбетот, пишува британски „Сан“. Другите пријатели апелирале за финансиска помош за да се обезбеди авионски превоз од Тајланд до Велика Британија. Тие напоменале дека ѝ е многу тешко во болница во странство, а како што еден од нив порачал, „итно ѝ е потребна лекарска помош“, што може да укажува дека не ѝ се дава соодветна нега во Тајланд.
Бет Клуг отпатувала за Тајланд пред три недели, кога на Инстаграм порачала: „Сега започнува моето вистинско тајландско искуство“.
За жал, одморот се претворил во кошмар.


