Играчите на ФК Вардар: Ако Слободан Крстевски не е способен да го води клубот, да го препушти раководењето на друг

фото: FK Vardar

Фудбалскиот клуб Вардар со сите сили бара начин да ги надмине, реши проблемите со кои се соочува, особено на финансиски и организациски план. Голем дел од играчите немаат земено плата и по 10-12 месеци, сами го спасуваат клубот, самостојно собираат сопствени средства за закуп на автобуси за гостувања, перење на опремата, хируршки интервенции..

Сами на себе со верните „Комити“ ја бијат битката, од кога сопственикот Слободан Крстевски го презеде клубот во 2011 година, ништо од тоа што се ветуваше, не е реализирано.

Од друга страна, скопските „црвено-црни“ годинава се обидуваат да се вратат во Првата македонска фудбалска лига. Моментно се водечки во Втората лига со 52 бодови од 21 натпревар.

Во продолжение соопштението на фудбалерите на Вардар:

Соочувајќи се со веројатно најтешките моменти во историјата на клубот, ние играчите на ФК Вардар сакаме да ја известиме и да и ги доближиме на јавноста сите моменти кои ги преживуваме периодов, истовремено константно замајувани и залажувани со разни ветувања од кои ниту едно не е исполнето и покрај нашето професионално залагање на теренот каде со вонсериски напори достојно го презентираме името на најголемиот спортски бренд во Македонија.

Сакаме да известиме дека ние играчите, стручниот штаб, спортскиот директор Александар Бајевски, персоналот на клубот и навивачката група „Комити“ сме буквално оставени самите на себе да ја биеме битката за враќање на Вардар во Првата лига. Од основни работи како закуп на стадион за натпревари кој ги покрива навивачката група, ручек пред натпревари кои ги обезбедуваме благодарение на пријатели сопстевеници на ресторани, самостојно собирање сопствени средства за закуп на автобуси за гостувања, перење на опремата, преку пријатели обезбедување опрема за тренинг и води за нормално функционирање и одржување на истиот.

Со лични заложби на еден играч е обезбеден и теренот за тренинг во населбата Кадино. Хируршката интервенција капитенот Дарко Мицевски ја плати од сопствени средства, додека голем дел од играчите немаат земено плата дури и по 10-12 месеци со што се донесени речиси на работ на егзистенцијата.

Ние играчите на ФК Вардар бараме сопственикот на клубот Слободан Крстевски доколку не е способен да го води клубот и навреме да ги исполнува договорените обврски, да го напушти и да го препушти раководењето на друг. Тажно е што мораме на овој начин да реагираме и да ја известиме јавноста со што се соочуваме додека истовремено ја водиме можеби и најважната битка во историјата на клубот. Со надеж и верба дека ќе проработи разумот и веднаш ќе се најде решение со кое несметано би продолжиле достојно и успешно да го презентираме Вардар, бренд кој тежи 12 шампионски титули и единствен учесник од државата во групната фаза на европските натпреварувања – стои во соопштението на фудбалерите на Вардар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот