Идната недела ќе се сослушуваат родителите на загинатите во Кочани – ќе може да се приклучат на кривичниот прогон
Јавните обвинители кои го истражуваат пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ каде загинаа 62 млади луѓе ќе започнат со сослушување на претставници на семејствата, односно законските застапници на загинатите во трагедијата.
Препорачано
Како што соопштуваат од Обвинителството, преку исказите дадени пред јавен обвинител тие ќе можат да си ги остварат своите права како оштетени и да се приклучат кон кривичниот прогон.
– Исто така, ќе можат и директно да се информираат за текот и фазата во која се наоѓа постапката, но и да кажат свои сознанија за настанот.
За таа цел во следните 2 дена, во соработка со волонтерите од “Support Kocani”, обвинителството ќе ги контактира најблиските на починатите за да се утврди точно време и место во кое ќе можат да си го остварат ова свое право.
Сослушувањата ќе се вршат согласно утврден распоред од 27.05 (вторник) до 29.05 (четврток) во просториите на јавното обвинителство во договор со оштетените – соопштува Обвинителството.
Сослушувањата ќе бидат поединечни и на нив ќе биде повикан по еден законски застапник за секоја од жртвите да се произнесе во однос на правата како оштетени.
-Тој во својот исказ ќе може да предложи и други лица од семејството кои евентуално имаат сознанија за настанот.
Јавното обвинителство, согласно своите законски овластувања, во текот на целата постапка посветува особено внимание и грижа за жртвите на овој трагичен настан. При сите преземени дејствија и одлуки обвинителите ги имаат предвид и ги штитат интересите на оштетените – додаваат од Обвинителството.
Оттаму потсетуваат дека се уште е активен повикот на обвинителството до сите останати кои биле сведоци на несреќата да споделат информации со истрагата.


