Панче Тошковски / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

И Тошковски е шокиран за предметот со мазутот, вели дека цело МВР се разочарало

Министерот за внатрешни работи вели дека случајот не е завршен, но не открива што значи тоа, откако ОЈО ГОКК ја запре постапката

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, упати остри критики до Обвинителството за гонење организиран криминал, по одлуката да ја запре истрагата за случајот „Мазут“, во кој обвинети беа поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, бизнисменот и поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ Ратко Капушевски и сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски.

Во интервју за телевизијата „Канал 5“, Тошковски, слично како вчера премиерот Христијан Мицкоски, јавно го изрази своето незадоволство, наведувајќи дека акцијата на МВР била спроведена во целосна координација со обвинителите.

Министерот вели дека одлуката за запирање на истрагата, образложена со недостиг на докази, е во спротивност со напорите што ги вложил тимот на МВР.

„Јас сум шокиран и разочаран од одлуката на Обвинителството, исто како што е шокирана целата македонска јавност. Во никој случај не смее да има тивок обид на затворање на една ваква постапка од страна на Обвинителството“, изјави Тошковски.

Тој вели дека е „конечно дојдено време“ ваков потенцијален криминал каков што е направен во овој случај да не биде затворен со, како што рече, „плитко спроведена постапка“.

– По информациите што ги имам добиено од луѓе кои се дел од овој процес, не сметам дека е постапено максимално професионално и во насока на утврдување на правилната фактична состојба со цел да се разоткрие она што е правено. Ни оддалку не сметам дека е доловена фактичната состојба, рече Тошковски.

Според министерот, овој случај се уште не е затворен.

– Ќе види јавноста во следниот период за што точно сум сакал да поентирам од аспект на фактична состојба којашто МВР неспорно ја има утврдено изминатиот период во насока на остварување на право и правда, рече Тошковски.

Пропадна предметот со Капушевски и Јахоски за мазутот — „не се утврдени злоупотреби“, вели Обвинителството

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот