Автопат во Хрватска / Фото: Ploče Online

Хрватска им го отвора патот на балканските камионџии, ќе им дава посебни визи

Хрватскиот парламент ги усвои измените на законот за странци, со кои се отвора можност за воведување посебни визи за професионални возачи од земјите од регионот, пренесе „Н1“.

Измените би можеле да го решат проблемот со ограничениот престој во Шенген-зоната, кој во последните месеци им создаде сериозни тешкотии на возачите од Балканот што работат во меѓународен транспорт.

Возачите секојдневно преминуваат граници и превезуваат стока низ Европа, но поради природата на работата често го надминуваат дозволениот престој од 90 дена во период од 180 дена. Проблемот е што тие во Европската Унија не престојуваат како туристи, ниту како класични странски работници, туку ја извршуваат својата работа на терен.

Министерството за комуникации и транспорт на Босна и Херцеговина соопшти дека ова е важна вест за илјадници професионални возачи од регионот и од држави што не се членки на Европската Унија.

Најпогодени од новите правила и од системот ЕЕС за контрола на границите беа возачите од Србија и Босна и Херцеговина.

Министерот за комуникации и транспорт на Босна и Херцеговина, Един Форто, изјави дека возачите не патуваат како туристи, туку ја вршат својата работа, без која не може да функционираат синџирите за снабдување и транспортот на стока низ Европа.

„Беше важно да се најде решение што ја разбира специфичноста на нивната работа и им овозможува да работат без постојан страв дека ќе им истечат дозволените денови за престој“, рече Форто.

Тој додаде дека очекува законот да почне да се применува во следните недели, а не за неколку месеци, бидејќи возачите од регионот „предолго го чекаат решението“.

Прашањето се отвори по блокадите на границите што зимава ги организираа превозниците од регионот. Тогаш претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, изјави дека хрватската влада во Брисел предложила транспортните компании од Србија, кои имаат договори со фирми од Хрватска или други земји од Европската Унија, да можат да добијат долгорочни визи за своите возачи.

Токму за издавање на овие визи беше потребно Хрватска да направи измени во Законот за странци.

„ЕУ со ТЕБЕ“ – за можностите на Западен Балкан

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот