Холандскиот репрезентативец Ларс Коиј го засили РК Вардар 1961
Во следната сезона дел од екипата на Вардар ќе биде холандскиот репрезентативец Ларс Коиј. Тој игра на позицијата пивотмен, и ќе остане во Скопје најмалку една сезона, со можност за продолжување на соработката. Тој е првиот Холанѓанец што потпишува за Вардар, и воопшто прв играч што доаѓа во Македонија од оваа земја.
Препорачано
Коиј (23 години, 199 см.) доаѓа од екипата на Хам Вестфален во Германија каде настапуваше претходните две сезони. Претходно има настапувано и за екипата на Тонден во Данска.
Квалитетите на Коиј ги препозна и Флензбург кој го ангажираше овој млад ракометар и две сезони играше за вториот тим (до 19 и до 23 години) и беше шампион на Германија со екипата до 23 години.
Со своите настапи покажа дека станува збор за одличен пивотмен кој подедкаво добро игра и одбрана и напад, и ќе им биде вистински колега на Милан Лазаревски и Михаил Аларов во тимот на Вардар.
Дебитира за А селекцијата на Холандија во 2020 година против Турција. Беше дел од селекцијата на Холандија која играше на ЕП 2022 и ЕП 2024 година. Вкупно 25 натпревари има одиграно за националниот тим.
– Возбуден сум поради мојот трансфер во РК Вардар. Приклучувањето кон еден ваков престижен и докажан клуб е вистинска чест. Навистина сум возбуден поради можностите и предизвиците што ми претстојат. Сакам да ги покажам своите вештини на друго ниво и да научам повеќе и различни работи за да растам како играч. Нестрплив сум да дадам се од себе на теренот и да имам позитивно влијание и на теренот и надвор од него – изјави Ларс при потпишувањето на договорот.


