Ходорковски за наводната нова „листа за отстрел“ во Москва: Ако Путин реши да ве убие, не ви помагаат никакви телохранители

Фото: EPA-EFE/JUSTIN LANE

Рускиот претседател Владимир Путин составил „листа за отстрел“, а шест мети на неа живеат во Велика Британија, пишува „Сан“.

Неименуван руски официјален разузнувач наводно предупредил еден од нив дека Путин планира „кампања на убиства“ во постпандемискиот период и дека рекол „ниту еден не може да се сокрие од нас“.

Руските агенти во минатото беа обвинувани за обид за убиство на поранешниот шпион на КГБ, Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка Јулија со нервниот агенс „новичок“ во Солсбери во Велика Британија. „Сан“ наведува дека Кремљ веројатно го нарачал и убиството на шпионот Александар Литвињенко со радиоактивен полониум во Лондон во 2006 година.

Но, сега уште неколку Руси од листата на Путин кои живеат во Велика Британија, како што пишува „Мирор“, се Владимир Ашурков, Михаил Ходорковски, Евгениј Чичваркин и Борис Карпичков. На листата, според британските медиуми, се и долгогодишниот непријател на Кремљ, Бил Браудер, Британец роден во САД, и Кристофер Стил, поранешен агент на МИ6, кој во 2017 година е идентификуван како автор на „валканото досие“ во кое се наведува дека Русија собрала база на податоци со компромитирачки информации за Доналд Трамп.

Владимир Ашурков (49) бил принуден да ја напушти функцијата на инвестициски банкар во Русија поради врски со лидерот на тамошната опозиција, Алексеј Навални чија Антикорупциска фондација ја предводи во моментот.

Навални и самиот беше на мета на „новичок“ и беше уапсен по враќањето во Москва од лекување во Германија што предизвика големи протести во Русија. Ашурков кој доби азил во 2015 година за „Мирор“ изјави оти се надева дека британските власти работат на спречување на каков било обид за негово убиство.

– Не се сомневам дека руските безбедносни служби се способни за егзекуција било каде во светот. Во Британија има најлаку 10 неразјаснети случаи. Се чувствувам побезбедно на улиците на Лондон отколку во Москва, но ништо не може да ви гарантира безбедност во целост, вели Ашурков.

Михаил Ходорковски, вториот на листата, е 57 годишен сибирски нафтен милијардер кој сега живее во егзил во Лондон. Мина осум години во затвор поради обвинение за мамење во 2003 година. Организацијата „Амнести Интернешенл“ го прогласи за политички затвореник, а беше ослободен во 2014 година.

– Ако Путин реши да ме убие, нема да ми помогнат никакви телохранители. Јас сум добро познат противник на Путин, истакна Ходорковски.

Бил Браудер, уште еден од наводната листа, стана, како што пишува „Сан“, трн во око на Путин по обид да изложи грабеж на своите инвестиции во земјата од корумпирани официјални лица.

– Ова треба да се сфати многу сериозно. Путин се обиде да го убие Навални со „новичок“ и секој од неговата листа за „отстрел“, вклучувајќи ме и мене, мора да преземе мерки на внимателност. Путин не е ограничен со било какви морални или географски граници, истакна Браудер.

Борис Карпичков (62), исто така, е поранешен шпион кој побегна во Велика Британија со два куфера во 1998 година. Преживеа два обида за труење при посета на Нов Зеланд. Тој вели дека метите на Путин, како него, сакаат да го видат своето име во јавност, бидејќи „тоа е единствен начин да останат живи“.

– На Путин ќе му биде тешко да отфрла одговорност ако еден од нас е убиен, смета Карпичков.

Милијардерот Евгениј Чичваркин (46) се збогати по формирање на најголемиот малопродажен ланец на мобилни телефони „Евросет“. Наводно тој го платил лекувањето на Навални, а сега ја води продавница за вино во центарот на Лондон – „Хедонизам вајнс“ во која шише може да чини и до 120.000 фунти.

Чичваркин и Стил не ги коментираа наводите за листата за отстрел. „Сан“ наведува дека едно од шесте лица на листата добило детали за намерите на Путин од неуменуван руски разузнувач. Истиот агент наводно го предупредил и Скрипаљ дека бил на мета на Путин и рекол „ние имаме долга рака. Никој не може да се сокрие од нас“.

– Сакаат целосно да те замолчат. Преземи мерки, брзо смени го местото на живеење, барем привремено, ја предупредил неименуван извор една од метите, пренесува „Сан“.

Преземено од блиц.рс

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот