Хашим Тачи останува во притвор во Хаг
Поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, останува во притвор, одлучија Специјализираните совети на Косово во Хаг во нова, деветта по ред одлука за повторно притворање во случајот против него и четворица други обвинети за попречување на правдата, објави Н1.
Препорачано
Во одлуката од 2 јуни се наведува дека сè уште постои „реален ризик“ Тачи, доколку биде ослободен, да го попречи текот на постапката пред Специјализираните совети, како и да изврши нови кривични дела.
Судот процени дека поблаги мерки од притворот нема да бидат доволни за да се намалат тие ризици.
Една од наведените причини е можноста дека, доколку Тачи е на слобода, може да користи други луѓе или комуникациски уреди, што би го оневозможило ефикасното следење на неговите контакти.
Пред Специјализираните совети се водат две одделни постапки против Тачи.
Првата е главниот случај, во кој тој и други поранешни водачи на ОВК се судат по обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото. Втората е случајот за попречување на правдата, кој беше покренат поради обвинувања дека Тачи и другите обвинети се обиделе да влијаат врз постапката и сведоците во главниот случај.
Најновата одлука за продолжување на притворот е донесена токму во случајот на попречување на правдата. Сепак, при проценката на ризикот, судот ги зеде предвид и сведоците од главната постапка, вклучувајќи ги и заштитените сведоци, оценувајќи дека сè уште постои ризик од влијание врз нив.
Во одлуката, исто така, се наведува дека случајот за попречување на правдата се движи кон последната фаза, како и дека страните треба да бидат подготвени да ги достават своите конечни поднесоци до 19 јуни.
Основниот судски процес заврши и се очекува првостепената пресуда да биде објавена пред 20 јули.
Хашим Тачи не го пуштија од Хаг да го посети таткото во болница


