Харадинај нема моќ да нареди акција на северот од Косово

Специјалната единица на Косово влезе на северот во Косовска Митровица и започна да апси Срби, кои наводно се дел од криминална организација, некои од нив и припадници на косовската полиција. Според познавачите на состојбите во Косово, премиерот на Косово Рамуш Харадинај нема моќ за да нареди на полицијата и косовското обвинителство, да ја извршат акцијата.

Професорот по политички науки на Универзитетот во Приштина, Неџмедин Спахиу, за „Слободен печат“ објаснува дека не му е во интерес на Харадинај да ги плаши Србите на Косово.

– Харадинај всушност нема ниту моќ да издава вакви наредби поради тоа што Обвинителството не е во негови раце, туку во рацете на неговиот коалиционен партнер – вели професорот Спахиу.

Според него, постојат две можни сценарија за тоа како дошло до акцијата на косовските специјалци.

– Или станува збор за игра помеѓу Вучиќ и Тачи, или акцијата е на инсистирање на САД кои го советуваат косовското обвинителство и другите органи – објаснува професорот.

За тоа дали е можен влез на српската војска во Косово, тој вели дека Вучиќ често го зборува тоа, но не е доволно храбар да повлече таков потег.

– Оваа акција сигурно ќе ги промени односите во преговорите за Косово помеѓу Приштина и Белград, но до која мера ќе биде тоа не би можел да шпекулирам. Можно е да ги убрза преговорите – вели професорот Спахиу.

Влезот на косовските специјалци на северот во Косовска Митровица доаѓа само неколку часа по синоќешното обраќањето на српскиот претседател Александар Вучиќ во српскиот Парламент каде тој предупреди дека доколку нема компромис, прашање на време е кога Албанците ќе нападнат.

Сутуацијата ескалираше многу брзо, па Вучиќ, неколку часа по акцијата која утрово се случи во Косово, соопшти дека српската војска е спремна за влез во Косово и Метохија. Според Вучиќ, на Косово се уапсени 23 Срби, имало пукотници во градот Зубин Поток, ранени се двајца Срби, а косовските полицајци влегувале во српски куќи и ги демолирале.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај вели дека не станува збор за заплашување на Србите во Косово, туку операција против организираниот криминал во државата.

Исто така, и од мировната мисија на КФОР во Косово излегоа со соопштение дека операцијата не е вперена против Србите.

– Ова операција е против лица обвинети за корупција и криминал. Ние засега ја следиме ситуацијата, во контакт сме со властите во Приштина, но отворена ни е и комуникацијата со Србија – изјави портпаролот на командата на КФОР, Винченцо Грасо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот