Хакерски напад врз „Букинг“, украдени кориснички податоци
Платформата за резервација на сместување Booking.com потврди безбедносен инцидент во кој неовластени лица добиле пристап до дел од податоците на корисниците. Компанијата со седиште во Амстердам, која нуди повеќе од 30 милиони сместувачки единици низ целиот свет и поврзува милиони патници со разни услуги, објави дека презела потребни мерки за заштита на своите корисници. Компанијата соопшти дека забележала „сомнителна активност“ што вклучувала пристап до одредени информации за резервација. По откривањето на инцидентот, преземени се мерки за ограничување на проблемот, тврди компанијата, вклучително и промена на ПИН-кодовите за засегнатите резервации и известување на корисниците, пишува Guardian.
Препорачано
Не е познато точно колку корисници биле погодени од нападот, но компанијата вели дека финансиските податоци не биле компромитирани.
Како што е наведено во пораката испратена до корисниците погодени од инцидентот, напаѓачите можеле да пристапат до „одредени информации за резервација“, вклучувајќи имиња, е-адреси, домашни адреси, телефонски броеви и дополнителни податоци што корисниците можеби ги споделиле со сместувачките капацитети.
Ова е уште еден во низата безбедносни инциденти што влијаат на платформата. Booking.com се соочи со зголемување на онлајн измамите во последниве години, каде што корисниците често се измамени да внесат детали за плаќање под изговор за „потврдување“ на резервација, по што им се наплаќаат големи суми.
Сличен случај беше забележан и во 2018 година, кога напаѓачите користеа фишинг кампања за да добијат податоци за пристап на вработени во хотели во Обединетите Арапски Емирати, а потоа пристапија до податоците на повеќе од 4.000 корисници. Потоа компанијата го пријави инцидентот кај холандскиот регулатор за приватност со 22 дена задоцнување, за што беше казнета со 475.000 евра.


