Пеп Гвардиола/EPA-EFE/ADAM VAUGHAN

Гвардиола заборави на фудбалот: Денес ги имаме сите можности, а ние уште се убиваме меѓусебе

Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола одржа необична прес-конференција на која со многу емоции зборуваше за војните и убиствата ширум светот, посебно осврнувајќи се и на Судан, каде што, според тврдењата на Обединетите нации, Обединетите Арапски Емирати даваат поддршка на паравоени групи. Во граѓанската војна во Судан, според официјални податоци, досега животот го загубиле повеќе од 150.000 цивили.

Зборувајќи за глобалните конфликти во кои страдаат невини луѓе, Гвардиола го спомена и Судан, што предизвика особено внимание во медиумите. Извештаите укажуваат дека во конфликтот во оваа земја воени злосторства извршуваат и двете завојувани страни. Воедно, сопственик на Манчестер сити е потпретседателот на ОАЕ, Мансур бин Зајед ал Најан, а Обединетите нации тврдат дека токму ОАЕ стојат зад поддршката на паравоените сили во Судан.

„Се убиваме меѓусебно, а за што? За што? Никогаш во историјата на човештвото не сме имале можност толку јасно да ги гледаме информациите со свои очи. Геноцидот во Палестина, она што се случува во Украина, во Русија, сè што се случува низ светот во Судан, насекаде.

Што е тоа што се случува пред нашите очи? Дали сакаме да го видиме? Дали ова е проблем на сите нас како човечки суштества?

Ова е наш проблем, само наш. Мене ме боли. Боли, навистина боли“, истакна Гвардиола.

Тој додаде дека никогаш нема да застане зад идеи кои се бранат со убивање на илјадници невини луѓе.

„Ако имаш идеја што мора да ја браниш така што ќе убиеш илјадници и илјадници невини луѓе… жал ми е, но јас секогаш ќе бидам против тоа. Секогаш.

Светот никогаш не бил подобар кога станува збор за можности, можеме да одиме на месечината, можеме да направиме сè, а ние сè уште се убиваме меѓусебно? За што? Ги гледам тие слики и ме боли, навистина ме боли. Затоа ќе користам секој можен начин да помогнам. Ако тоа е зборување, можеби нема да сменам ништо, но ќе се обидам. Ќе бидам тука“, порача тренерот на Манчестер сити.

Гвардиола се осврна и на настаните во Соединетите Американски Држави, посочувајќи конкретни примери на насилство.

„Погледнете што се случува во САД. Рене Гуд и Алекс Прети беа убиени. Таа беше медицинска сестра. Замислете да е некој од нашето здравство. Пет-шест луѓе го опкружуваат, го фрлаат на трева и испукуваат десет куршуми. Кажете ми, како некој може да го брани тоа?

Човек кој бранеше жена беше опколен и убиен. Не знам кој може да го оправда тоа“, заклучи Гвардиола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот