Груевски отворил консултантска фирма и заработувал илјадници евра во Унгарија — не се знае кого советувал
Не се знае со кого осудениот поранешен премиер има деловни врски. Се знае само дека имал особено добри односи со Орбан, како и со Петер Сијарто, поранешниот министер за надворешни работи и надворешна трговија, пишува „444“.
Поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој во 2018 година избега во Унгарија и доби азил, во летото 2021 година започнал сопствен бизнис и ја основал својата консултантска фирма. Станува збор за мини-компанија, бидејќи нема вработени, а иако во изминатите пет години воопшто не пораснала, нејзината стабилност, барем на прв поглед, не е загрозена, пишува унгарскиот портал „444“.
Препорачано
Годишните извештаи упатуваат дека Груевски можеби има фиксен клиент, се вели во текстот на порталот, кој секоја година плаќа илјадници евра за советите на осудениот поранешен премиер.
Минатата година фирмата, која се вика „И.Ц.И.Ц. Кфт“(I.C.I.C Kft), остварила приход од околу 9.600 евра, a околу 11.600 евра претходната година. Бидејќи консултантската дејност не бара големи трошоци, пишува порталот, значителен дел од приходите секоја година останувал како добивка, па во 2025 година поранешниот премиер остварил профит од околу 5.650 евра.
За разлика од 2024 година, пишува порталот, овој пат тој не ја повлекол добивката како дивиденда, туку ја оставил во фирмата. Од основањето на компанијата во 2021 година досега, поранешниот премиер од неа вкупно повлекол околу 45.800 евра дивиденда.
Од најновиот годишен извештај се гледа и дека средствата на банкарската сметка на фирмата на крајот од минатата година пораснале од околу 22.600 на околу 25.450 евра, се вели во текстот, како и дека се зголемиле нејзините обврски. Првпат во 2024 година во фирмата се појавила позначајна обврска од околу 7.070 евра, која до крајот на минатата година пораснала на околу 9.330 евра.
И натаму не е познато со кого осудениот поранешен премиер има деловни врски. Се знае само дека имал особено добри односи со Орбан, како и со Петер Сијарто, поранешниот министер за надворешни работи и надворешна трговија.
Сијарто редовно го примал Груевски во својата канцеларија, се вели во текстот, за да побара негов совет за прашања поврзани со Западен Балкан. Според министерот, токму од него можеле да ги добијат најверодостојните информации за регионот, бидејќи десет години бил премиер.


