Фото: Facebook/Артан Груби

Груби уште не дал исказ, предметот за „црната листа“ е во предистрага

Поранешниот вицепремиер Артан Груби кој по 14 месеци бегство, се врати во Македонија и замина во куќен притвор, иако беше повеќе од пет часа во Обвинителството, не дал исказ за злоупотребите во Државна лотарија од над 8 милиони евра. Според последните информации од Обвинителството, неговата одбрана врши увид во доказите.

-Одбраната на осомничениот врши увид во доказите и тој се уште не дал исказ по однос на сомненијата за стореното кривично дело – велат од Обвинителството.

Тој е осомничен за „Проневера во службата“ затоа што претседавал со владина седница во моментот кога Владата ја задолжила Државната лотарија да набави ВЛТ-терминали за да почне самостојно да организира електронски игри на среќа. За ова кривично дело му се заканува затворска казна од најмалку четири години и нема максимална граница.

Досега нема обвинение за овој случај, а предметот со „црната листа“ се уште е во предистрага.

-Што се однесува до предистрагата во однос на информациите од објавената „црна листа“ на САД, надлежниот јавен обвинител презема дејствија на проверки за што беа дадени насоки и на Управата за финансиско разузнавање. Во текот на постапката обвинителот ќе ги преземе сите дејствија неопходни за целосно испитување на наводите – велат од Обвинителството.

Груби заедно со судијата Енвер Беџети се најдоа на црната листа на САД поради вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството. Образложението е дека примиле мито да влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, за масовното прислушување.

Властите го повикуваа Груби да се врати, а тој откако избега, на Фејсбук напиша дека отишол да заврши некои обврски и дека потоа ќе се врати кај неговото семејство. Од Блаце каде сам се предаде, замина во притвор во Шутка, но само на неколку часа, а потоа во Обвинителство, во Кривичниот суд. Обвинителството се повика на безбедносната проценка на АНБ и МВР, дека Груби не е безбеден во притвор во истражниот затвор и му одреди куќен притвор.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот