Артан Груби се предава на граничниот премин „Блаце“ / Фото: скриншот

Артан Груби веќе е во Шутка – објавено е видео на кое се смешка додека го апсат

Поранешниот вицепремиер Артан Груби кој утрово беше уапсен на граничниот премин Блаце, а беше во бегство повеќе од една година, веќе е спроведен во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка. Извори од затворот за „Слободен печат“ брифираат дека пред некои дваесетина минути бил спроведен во затворот, сам, без адвокат.

За Груби имаше правосилно решение за притвор во трање од 30 дена, но не се исклучува наредните денови тој да биде спроведен во Обвинителство и пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд.

„Слободен печат“ се обиде да стапи во контакт со адвокатот на Груби, но не добивме никаков одговор и коментар. Во некои медиуми веќе се појави видео од апсењето на Артан Груби, кој беше уапсен во 6.10 часот на граничниот премин Блаце, при влез во земјава од Косово.

На видеото се гледа како Груби, со качулка и очила за сонце, лежерно и со насмевка им ги подава рацете на полицајците кои му ставаат лисици, а потоа се покрива со црн шал. Според она што може да се види на снимката, Груби свесно им се предава на истражните органи.

Досега официјално се огласи само Министерството за внатрешни работи.

-Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ – велат оттаму.

Груби е осомничен за „Проневера во службата“ затоа што претседавал со владина седница во моментот кога Владата ја задолжила Државната лотарија да набави ВЛТ-терминали за да почне самостојно да организира електронски игри на среќа.

Досега нема обвинение за него за овој случај, а нема ниту информации до каде е предметот што беше оформен за него откако тој заедно со судијата Енвер Беџети се најдоа на црната листа на САД поради вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството.

Образложението е дека примиле мито да влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, за масовното прислушување.

Властите го повикуваа Груби да се врати, а тој откако избега, на Фејсбук напиша дека отишол да заврши некои обврски и дека потоа ќе се врати кај неговото семејство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот