Маркет, пазарење/ Фото Архива на СП

Грција вешто се справува со инфлацијата, намалени цени на над 3000 производи

Цените на над 3.000 производи за чистење и за лична хигиена, од денеска се очекува да бидат намалени и до 18 отсто во грчките супермаркети, според податоците од Министерството за развој на Грција, а во рамките на владините мерки за справување со инфлацијата.

Од денеска стапуваат во сила четири владини мерки што имаат за цел трајно намалување на цените на конкретни производи.

Засегнатите категории вклучуваат општи производи за чистење на домот (детергенти за перење алишта, детергенти за миење садови, средства за чистење на површини за сите намени, белило) и производи за лична хигиена (шампони и балсами, сапуни, пасти за заби, бебешки и детски пелени).

Реформата донесе значително намалување на просечната цена во седум категории на производи. Поточно, за млекото за бебиња, намалувањата се околу 15 проценти; за бебешки и детски пелени, просечното намалување на цената е 18,1 отсто; за шампони, гелови и регенератори, тоа е 17 проценти; за паста за заби е 15,1%; за детергенти за перење е 15,6%, итн.

Министерот за развој Костас Скрекас во саботата вети дека владата ќе преземе повеќе мерки за справување со високите потрошувачки цени на мало.

„Очигледно, главен проблем за домаќинствата се високите цени на супермаркетите и затоа владата и Министерството за развој нема да запрат додека не видиме пониска инфлација и намалени цени“, изјави тој за ТВ Скаи.

„Преземавме низа мерки, кои почнаа да се применуваат од 1 март. Низа производи, речиси 4.000 од нив, во супермаркетите почнаа да се намалуваат, по нашата драстична мерка. Колку ќе биде намалувањето ќе видиме во наредните денови. Од првиот ден вршевме контроли и видовме деескалација на цените. Намалувањата на цените би можеле да достигнат до 15 отсто, па дури и до 20 отсто“, додаде министерот.

Дополнително добавувачите на свежи производи, односно на овошје, зеленчук и месо, се обврзани нивните производи да ги продаваат по нето цени, што ќе придонесе за постепено намалување на цените на конкретните производи во маркетите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот