Грција со вознемирувачко предупредување: Секое таргетирање на Кипар е закана за Европа
Според грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герипатритис, од американска страна најважно е Иран да биде ставен под ефективна контрола во однос на неговата балистичка и нуклеарна програма.
Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис изјави дека секое таргетирање на Кипар претставува закана за целата Европа, додавајќи дека поморската база Суда не се наоѓа во непосредна опасност од ирански напади, објави „Либерал“.
Препорачано
Поморската база Суда не е загрозена и постои целосна заштита, нагласи Герапетритис. Тој истакна дека одбранбената поставеност на земјата не била предмет ниту на дискусија ниту на информирање.
— Мерките за заштита се унапредени, антибалистичкиот и противвоздушниот штит на Грција е поставен и развиен, па затоа грчките граѓани можат да се чувствуваат безбедно — нагласи тој.
Тој посочи дека „режимот на базата Суда е регулиран со одбранбениот договор меѓу САД и Грција. Многу прецизно е дефинирано што може да се прави во рамките на базата“ и додаде дека „и морнарицата и воздухопловството на Грција се во состојба ефикасно да ги заштитат секој Грк и секоја Гркинка“.
— Базата првенствено служи за обезбедување логистичка поддршка на САД, па затоа не е наменета за офанзивни операции. Сакам да уверам дека се преземени сите неопходни мерки и од американска и од грчка страна — рече грчкиот министер за надворешни работи.
Герапетритис, изјави дека распоредувањето на грчките одбранбени сили, како на територијата на земјата така и на Кипар, е суверена одлука на државата и не е предмет на дискусија. Тој нагласи дека испраќањето фрегати и борбени авиони на Кипар претставува „историска и братска должност“ на Грција и исклучиво одбранбена поддршка.
Тој додаде дека секое таргетирање на Кипар би било закана за цела Европа и би ја активирало европската солидарност.
— Секое таргетирање на Кипар претставува закана за цела Европа и ја активира должноста за солидарност со Кипар. Во ситуација на војна каква што имаме денес, одлуките што се носат за заштита и безбедност на грчките граѓани не се прашање за дискусија — нагласи министерот.
Воедно, Герипатритис ги отфрли ставовите на Турција за демилитаризација на островите во Источниот Егеј, оценувајќи ги како неосновани.
ВИДЕО | Британска база на Кипар нападната од ирански дрон „шахид“
„Грција не знаеше дека ќе го нападнат Иран“
Герипатритис истакна и дека грчкото Министерство за надворешни работи работи „ден и ноќ“ на репатријација на грчките државјани од кризното подрачје, опишувајќи ја операцијата како најтешка во последните децении.
Герапетритис рече дека Грција немала претходна информација за нападите врз Иран и предупреди дека конфликтот на Блискиот Исток веројатно нема бргу да заврши.
Тој додаде дека недостигот од единствен став во Европска Унија претставува проблем, а евентуалните нарушувања на пловидбата во Ормускиот Теснец би можеле сериозно да ја погодат светската економија.
Според Герипатритис, од американска страна најважно е Иран да биде ставен под ефективна контрола во однос на неговата балистичка и нуклеарна програма.
За Израел, како што рече, „целта е да се воспостави режим кој ќе обезбеди безбедност за државата Израел. Не само во Иран, туку и во однос на неговите сојузници, Хутите, Хезболах и Хамас, кои претставуваат постојана потенцијална закана“.
Војната веројатно нема да биде кратка
Герапетритис додаде дека „во овој момент никој не може да предвиди колку долго ќе трае војната“.
— Во современата дипломатија речиси исчезна секоја предвидливост. Се подготвуваме за повеќе можни сценарија. Има многу фронтови, а нападите врз земјите од Заливот се дури и почести од нападите врз Израел. Мојата проценка е дека војната тешко ќе заврши за кратко време. Сите мора да бидеме подготвени за последици – економски, можни миграциски движења и пошироки геополитички ефекти — изјави грчкиот министер.
На крајот тој нагласи дека позицијата на Грција останува стабилна и конзистентна.
— Инвестиравме во нашите стратешки сојузи со Израел и САД, но и со земјите од Заливот и Индија, за да бидеме сигурни и доверлив партнер и да имаме глас во развојот на настаните — заклучи тој.
Грчки ловци се кренаа во воздух во Кипар — дали се спрема дронски напад врз британската база?


