Граѓанските здруженија бараат повлекување на предложените измени на законите за отпад

Депонија / Фото: МИА

О2 Коалицијата и Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ Скопје бараат од собраниска процедура да бидат повлечени четири предлог-измени на одредени закони поврзани со отпад, за кои сметаат дека не се ни малку во насока на итно решавање на предизвиците со отпадот, туку, како што велат, токму напротив, се во насока на олеснување на производителите на отпад, односно загадувачите.

-Процедури кои набрзина и кои по скратена постапка се носат, без транспарентен процес и јавна консултација, како што и налага Архуската конвенција, значи само прекршување на основните демократски начела и дополнително загрозување на животната средина, а со тоа и квалитетот на живот за македонските граѓани, велат од од О2 и „Гоу Грин“.

Оттаму информираат дека до македонското Собрание во скратена постапка се доставени предлог измени и дополнувања кои се однесуваат на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, на Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад, на Законот за управување со дополнителни текови на отпад и на Законот за управување со отпадот.

Велат дека Предлог – законот за изменување на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема е иницијатива и предлог на ДУИ и оти со него се предвидуваат поместувања на роковите за собирање на овој тип на отпад од 2028 на 2042 гододина за 65 отсто од пуштената опрема на пазар, намалување на плаќање на надоместокот за управување со отпадната опрема за 50 проценти и дополнителни 30, односно 10 проценти зависно од категоријата на производот.

-Со ова сметаме дека нема да се овозможи адекватно управување со овој отпад од страна на колективните постапувачи и ќе се пролонгира за скоро 15 години соодветното собирање на овој отпад, се вели во денешното соопштение.

Вториот предлог, е за изменување и дополнување на Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад, иницијатива на ЛДП, а со дел од предлог измените, велат, ќе се создаде монополизирање на пазарот, појава на нелојална конкуренција и ставање во тешка позиција на помалите колективни постапувачи.

-Можно е да се предизвика цепкањe на пазарот и појава на нестабилни (фантом) правни субјекти кои не се одржливи, кои ќе егзистираат неколку години и ќе го нарушат пазарот и предизвикаат нелојална конкуренција и ќе го отежнат процесот на имплементација на воспоставување на одржлив интегрален и стабилен систем на управување со посебни текови на отпад, нагласуваат од О2 и Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ Скопје.

Оттаму додаваат дека МЖСПП, пак, има доставено до Собранието Предлог закон за изменување на законот за управување со дополнителни текови на отпад. На барање на компаниите кои пуштаат масла на пазарот и со измената, нагласуват, се намалува надоместокот за управување со отпадните масла за 50 отсто. Предложената промена на надоместокот (намалување за 50проценти), значи многу помалку средства за поставување на системот, кој има голем ризик да не биде функционален и да не се исполнат целите. Тоа значи дека ќе продолжи отпадното масло да се отстранува неправилно, неорганизирано, да се користи за греење, горење односно нема да се намали значително негативното влијание врз животната средина.

На иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ, пак, според О2 и „Гоу Грин“, до Собранието е доставен Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за управување со отпадот со кој, како што велат, се предвидува поместување на роковите за три години за носење на Правилникот за тарифи за отпад и плаќањето на тарифата за отпад и за 3.5 – 4 години за усогласување на други закони во врска со надлежностите на Регулаторна комисија.

-Роковите беа пробиени одамна и редно е да се донесе и Правилникот и усогласувањата без одлагање. Каде е проблемот? Моменталната законска регулатива, донесена во септември 2021 година (која е усогласена со законодавството на ЕУ во областа на управувањето со отпад) беше поздравена како успшена и реална. Притисокот е сега, бидејќи после три години дојде време за имплементација на одредени членови на законите што на одредени страни не им одговара. Проблемот лежи во тоа што овие измени не се ни малку во насока на итно решавање на предизвиците со отпадот, туку токму напротив, олеснување на производителите на отпад, односно загадувачите. Што бараме? Бараме од поднесителите на предлог-измените да ги повлечат своите предлози час поскоро, а сите измени да бидат консултитрани и со граѓанскиот сектор. Процедури кои набрзина и кои по скратена постапка се носат, без транспарентен процес и јавна консултација како што и налага Архуската конвенција, значи само прекршување на основните демократски начела и дополнително загрозување на животната средина, а со тоа и квалитетот на живот за македонските граѓани, велат од О2 Иницијатива и Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ Скопје во денешното соопштение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот