Граѓаните одлучуваат кој ќе ја формира следната Влада

Прв круг Претседателски избори/ Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Денеска заедно со вториот круг од претседателските избори се одржуваат и единаесетите парламентарни избори.

Избирачите ќе може да гласаат со заокружување на еден од редните броеви пред 17-те листи на кандидатите за пратеници. Листи за кандидати за пратеници имаат Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ, Коалиција Храбро за Македонија предводена од ГРОМ, Коалиција Европски фронт на ДУИ, политичката партија Левица, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“, политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Единствена Македонија, Нова алтернатива Скопје, АВАЈА, Европско граѓанско движење, Македонска ера трета/Македонски независни листи – Суверенисти, Твоја партија, Родина Македонија, Десна, Демократи Скопје и Работничка партија.
Се гласа во шест изборни единици, а дел од коалициите и партиите имаат листи само за одредени изборни единици. На изборите има 1755 кандидати од кои 1002 мажи и 753 жени.

Во Собранието се избираат од 120 до 123 пратеници, од кои 120 пратеници се избираат според пропорционалниот модел, при што територијата на Републиката е поделена на шест изборни единици. Во секоја се избираат по 20 пратеници, а тројца пратеници се избираат според пропорционалниот модел во една изборна единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија. На овие избори нема гласање во дијаспората така што бројот на пратеници што ќе се избира ќе биде 120.

Од 10 парламентарни избори најголема излезност имало во 1990 година кога во првиот круг излегле 86.4% од избирачите додека пак во вториот круг излезноста била 76.8%. Во првиот круг најмногу гласови освоила дотогаш единствената и владејачка партија СКМ-ПДП, додека ви вториот круг најмногу гласови освоила ВМРО-ДПМНЕ.

Инфографик: Парламентарни избори 2024/„Слободен печат“, Елисавета Бејкова

Вторите парламентарни избори или први по осамостојувањео на Македонија се одржаа во 1994 година на кои излегле 77.7% од вкупниот број на избирачи во првиот круг односно 57.5% во вториот круг. Граѓаните со право на глас имаа можност да избираат помеѓу 38 политички партии и 283 независни кандидати. На овие избори победи СДСМ.

Инфографик: Парламентарни избори 2024/„Слободен печат“, Елисавета Бејкова

Парламентарните избори во 1998 биле специфични. Дотогашниот изборен систем беше променет од мнозински со два круга во мешовите паралелен изборен систем. 85 мандати се распределуваа во едно-мандатни изборни единици, а останатите 35 мандати-преку пропорционалниот Донтов систем, при што целата држава беше една изборна единица. За пропорционалните листи беше воведен изборен праг од 5%. Одзивот за гласањето за партиските листи бил 72.9 отсто до дека пак мнозинската листа 69.4 отсто.

Инфографик: Парламентарни избори 2024/„Слободен печат“, Елисавета Бејкова

Во 2002 година се одржани четвртите парламентарни избори. Во поствоениот период на гласање излегле 73.4% од избирачите а за прв пат се гласал по модел како денешниов односно државата била поделена во шест изборни единици.

Инфографик: Парламентарни избори 2024/„Слободен печат“, Елисавета Бејкова

На петите парламентарни избори одржани на 5 јули 2006 година излегле 55,98% од избирачите. На изборите имало 33 кандидатски листи.

Инфографик: Парламентарни избори 2024/„Слободен печат“, Елисавета Бејкова

Две години подоцна, во 2008-ма Македонија гласаше на предвремени парламентарни избори. На изборите излегле 57.06% од избирачите а во Собранието влегоа 17 политички партии од кои 10 со по еден пратеник.

Инфографик: Парламентарни избори 2024/„Слободен печат“, Елисавета Бејкова

 

Во 2011 се одржаа осмите парламентарни избори, од кои втори предвремени. На овие избори за првпат биле македонските државјани во странство избрале свои посебни пратеници . Излезноста на овие избори била 36,48% а најмногу пратеници освои ВМРО-ДПМНЕ (63).

Инфографик: Парламентарни избори 2024/„Слободен печат“, Елисавета Бејкова

Во 2014 се одржаа третите по ред предвремени парламентарни избори. На изборите учествуваа 51 политичка партија, 9 самостојно а 42 во некоја од коалициите. На овие избори повторно победи ВМРО-ДПМНЕ и освои 61 пратеник.

Инфографик: Парламентарни избори 2024/„Слободен печат“, Елисавета Бејкова

66.79% од избирачите излегле на гласање на предвремените парламентарни избори во 2016 година. На овие избори победи ВМРО-ДПМНЕ но со далеку послаб резултат од 2014 година. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија 51 пратеник или 10 помалку од 2014 година а таквиот резултат се должеше на објавените аудио-снимки од страна на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ не успеа да состави Влада па претседателот Ѓорѓе Иванов го предаде мандатот за составување Влада на Зоран Заев.

Инфографик: Парламентарни избори 2024/„Слободен печат“, Елисавета Бејкова

Следните парламентарни избори се одржаа на 15 јули 2020 година. 52.02% од гласачите излегоа на денот на изборите а најголем број на пратеници освои СДСМ (46) и тие формираа Влада.

Инфографик: Парламентарни избори 2024/„Слободен печат“, Елисавета Бејкова

Гласањето и за парламентарните и за вториот круг од претседателските избори започнува во 7 часот и трае до 19 часот. Граѓаните во текот на денот ќе можат само еднаш да дојдат на избирачкото место и да гласаат за двата вида избори или пак, само за претседателските или само за парламентарните избори. Идентификацијата на гласачите ќе се врши со т.н. фингерпринт апарати.
Записниците и другиот изборен материјал, избирачкиот одбир ги доставува до ОИК во рок од пет часа по завршување на гласањето. По спроведените избори за пратеници, ОИК ги сумира резултатите од гласањето на листата на кандидати, составува записник и заедно со целокупниот изборен материјал го доставува до ДИК веднаш, а најдоцна до 12 часа од завршување на гласањето.

Првичните резултати од изборите добиени по електронски пат, Државната изборна комисија ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите. Конечните резултати, Државната изборна комисија ги објавува најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот