Граѓаните нервозни, се „гужваат“ во ретките автобуси, Шилегов вели мора да се штеди (ВИДЕО)

Неразбирливо за корисниците на јавниот сообраќај е зошто одлуката за редуциран број на автобуси по скопските улици е сеуште на сила, кога престанаа да важат ослободувањата од работа за родителите на деца до 10 години, фирмите ги вратија назад работниците кои работеа од дома, почна да функционира „Мој термин“, а клиниките и амбулантите примаат пациенти, кои неретко на лекар одат со автобус.

Автобусите на ЈСП секој ден се уште возат по саботен возен ред, кој беше воведен поради корона-кризата, иако работните активности на граѓаните се вратија во вообичаениот распоред.

Имено, претпријатието на почетокот на март донесе одлука да ги редуцира автобусите, како резултат на намалената фрекфенција на патници, поради пандемијата на ковид-19, што беше разбирливо и оправдано ако се земе предвид дека училиштата се затворија, а и голем дел од граѓаните почнаа да работат од дома.

Неразбирливо за корисниците на јавниот сообраќај е зошто одлуката за редуциран број на автобуси по скопските улици е сеуште на сила, кога престанаа да важат ослободувањата од работа за родителите на деца до 10 години, фирмите ги вратија назад работниците кои работеа од дома, почна да функционира „Мој термин“, а клиниките и амбулантите примаат пациенти, кои неретко на лекар одат со автобус.

Реакција на револтирани граѓани денеска стигна до редакцијата на Слободен печат.

– Автобусот со број 4 доаѓа еднаш на 40 минути. Дали знаете каков метеж се прави на автобуските станици за тој временски период? Во автобус за време на шпицот не можеш да се разминеш, а не пак да држиш растојание. Луѓе седат и на седиштата на кои пишува дека не смее да се седи, ама не ги обвинувам, и јас некогаш седам на нив, бидејќи во автобусот е таква гужва, што подобро да седнеме еден до друг, отколку да си дишеме во врат, вели наша сограѓанка која редовно го користи автобускиот превоз.

Слично мислење има и патничка која се вози во автобусот со број 24.

– Постојано слушаме дека треба да се држи растојание од два метра, но во автобус тоа не е можно. Би било многу полесно да се практикуваат протоколите за заштита од ковид-19 ако има почесто автобуси, бидејќи тоа ќе значи и помалку метеж и на автобуските и во автобусите.

Но, со ваквите реакции на граѓание не се согласува градоначалникот Петре Шилегов. Тој тврди дека автобусите возат полупразни, а и треба да се штеди.

– Анализите кои што ги правиме покажуваат дека во моментов превезуваме 0,6 патници на еден изминат километар, што значи дека фрекфенцијата на сообраќај не е на тоа ниво за да се вратиме на стариот возен ред, а мораме да ги правиме заштедите во транспортниот систем, имајќи во предвид дека добар дел од трошоците паѓаат на буџетот на Град Скопје. Таму каде што приметуваме дека на дневна основа, на определени места има гужви во шпицот, тие линии се појачуваат, меѓутоа кога ќе ги видите автобусите, ќе видите дека тие се де факто полупразни, рече Шилегов и нагласи дека за 450 проценти е опадната продажбата на билети во 2020 година, во споредба со 2019 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот