Градоначалник заборавил да назначи секретар на општината
Градоначалник „заборавил“ да назначи секретар на општината спротивно на Законот за административни службеници, поради што заработи казна од Управниот инспекторат, произлегува од еден од предметите што беа реферирани на денешната седница на Државната комисија за спречување корупција. Градоначалникот е казнет со глоба од 250 до 500 евра, затоа што според Законот, секретарот на општината мора да биде именуван 60 дена откако градоначалникот ќе седне во фотелјата.
Препорачано
Управниот инспектор донел решение со кое се наредува градоначалникот да го отстрани недостатокот и да назначи секретар во рок од 30 дена и за тоа да го извести инспкеторатот. Преземени се мерки за отстранување на неправилностите и затоа ДКСК го запира своето постапување, информираа од ДКСК.
Другите предмети што беа разгледувани се однесуваа на корупција. Така, рефериран беше предмет каде подносителот навел дека кога директор на средно училиште објавил оглас за организирање завршна екскурзија, дал рок понудите да се достават за 5 дена од кои 3 дена биле неработни. На ваков начин, смета подносителот, нема време да се подготви понуда, а и трипати се обидел да подигне тендерска документација ама училиштето било затворено. Но, ДКСК информираше дека немаат елементи за надлежно постапување зашто рокот според законот не смее да е пократок од 5 дена.
Рефериран беше и предмет од 2025 година каде лице во државна институција било вработено со преземање како инспектор, двапати било унапредено на повисока позиција, а трудовата инспекција утврдила дека унапредувањето било незаконско. Но, инспекторите не можеле да изречат мерка, оти истекол рокот. ДКСК до Министерството за економија ќе поднесе барање да се разгледа работата на инспекторот што го направил надзорот.
Разгледан беше и предмет за проверка на вистинитоста на податоците на јавен обвинител во анкетниот лист од 2022 година.
-Прибавивме податоци за имотот на лицето и неговото семејство од Катастар, МВР, УЈП, Комисијата за хартии од вредност, Централен регистар и банките. По анализата и споредбата со анкетниот лист, констатиравме дека анкетниот лист се совпаѓа со податоците од институциите и немаме елементи за понатамошно постапување, рече Билјана Каракашoва Шулев, која го реферираше предметот.
До ДКСК имаше и претставка со која се спореше дали директорот на МАР Нет (Македонска академска истражувачка мрежа) е назначен законски. ДКСК го сопре предметот, зашто не се потврдиле наводите од пријавата.
Се реферираше и предмет каде комунално претпријатие на тендер фаворизирало мобилен оператор на начин што лицето што ја пишувало техничката спецификација, наместо да спроведе деллива набавка, ги додало пакетите за телефонска услуга во една набавка, за да може да учествува само еден оператор.
Според наводите во пријавата, тоа било зашто одговорното лице што ја пишувало техничката спецификација, имало блиски лица вработени во телефонскиот оператор. Државната комисија за жалби по јавни набавки го поништила тендерот и постапката за јавна набавка била повторена. ДКСК го сопре постапувањето.


