Гостите на „Про-За Балкан“ читаа фрагменти од своите дела

Официјалниот, книжевен дел од Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“ заврши на 20 септември со врачување на наградата „Прозарт“ на писателката Оливера Николова и читање на фрагменти од делата на гостите-учесници на овогодишното издание на фестивалот во прекрасниот амбиент на Даутпашиниот амам.

– Денес, кога мојата земја и мојот јазик успешно го множат своето ехо, а ние се чувствуваме срчни и полетни, зошто да не кажеме дека еве, и ние вредно ја ткаеме мрежата на светот заедно со другите? Мрежата на светот како некоја земна галаксија во која сите соѕвездија светат подеднакво за секого. Дека се трудиме да веруваме оти е тоа така и дека мора да биде така. Нели веќе без страв го исправаме своето пред плимата на туѓото? Зошто да не го кажеме тоа? Дека ни било земано недозволено и дека и самите сме земале недозволено, дека сме давале и ни давале и дека сите подрачја вон уметничкото секогаш ни се чинеле банални и обични, а дека вистинската смисла на патетичното, вистинската смисла на драматичното, за нас не била да им ја дадеме нивната фотографска вредност, туку нивното највисоко духовно значење – рече Оливера Николова во своето видеообраќање по повод врачувањето на наградата „Прозарт“, што ѝ ја додели Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.

Обраќајќи им се на писателите и велејќи дека сигурно ќе ја разберат за што зборува, Николова додаде дека „никогаш не ќе знаат со сигурност кои бедеми ги поставува она што го работат, сè додека не го пропуштат времето да истрча пред нив и да им мавта од иднината за повикување“. Затоа само ги поздрави, жалејќи што не е во состојба да го направи тоа во живо како што рече „со понизноста за која обично сите гласаме, а која, всушност, го издига во триумф знамето на посветеноста, мечтите и разумот“.

Секој од авторите-гости на фестивалот се претстави со извадоци од свои дела на јазикот на кој твори. Во Даутпашиниот амам читаа писателите: Дамир Каракаш од Хрватска, Броња Жакељ од Словенија, Владислав Бајац од Србија, Елена Алексиева од Бугарија, сценаристот и режисер Рајко Грлиќ од Хрватска, писателот Томислав Османли и поетот Пијан Славеј. Сите имаа можност да се дружат во изминатите три дена заедно со членовите на програмата „Скопје фелоушип“.

Во сеќавање на писателот и академик Луан Старова, неговата ќерка Дита Старова Ќерими прочита извадок од неговиот роман „Враќањето на козите“, којшто тој го прочита на неговото гостување на фестивалот во 2016 година.

Фестивалот го затвори неговиот основач, Дејан Трајкоски, кој напомена две работи кои сведочат како доказ зошто ваквите фестивали и манифестации треба да постојат.

– Првата работа му се случи вчера на Владислав Бајац кога се сретна со жена со која се сретнал пред 20 години којашто му кажа дека читањето на неговата „Книга за бамбусот“ и романот „Друидот од Синдидун“ ѝ го смениле животот. Втората е писмото кое што на еден од нашите лауреати Георги Господинов му го пратила повозрасна жена од болница, а меѓудругото, во писмото пишувало „ве читав и почувствував дека уште ми се живее“ – истакна Трајкоски.

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот, на 21 септември, во 20 часот, во Кинотеката во Скопје ќе биде прикажан филмот „Караула“ на режисерот Рајко Грлиќ, кој е гостин на „Про-За Балкан“. Пред проекцијата ќе разговораат Петар Арсовски, Александар Прокопиев и Рајко Грлиќ.

Организатор на фестивалот е „Прозарт медиа“. Поддржувачи на „Про-За Балкан“ се Министерството за култура, „Традуки“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Град Скопjе, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Амбасадата на Словенија, Француски институт во Скопје, Кинотеката, Национална Галерија, „Спона“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот