Големо засилување за „сините“: Мојсов ја освежи одбраната на Брегалница!

Фото: fkbregalnica.mk

Пред стартот на подготовките за сезоната во Првата македонска фудбалска лига Брегалница од Штип го промовираше своето прво големо засилување на почетокот од преодниот рок. Нов фудбалер на „сините“ е поранешниот македонски репрезентативец Даниел Мојсов.

Искусниот одбранбен играч доаѓа од редовите на кипарскиот прволигаш АЕК Ларнака, каде повеќе од успешно настапуваше изминативе пет сезони, сега потпишувајќи двегодишен договор со штипскиот клуб.

– За нас претставува задоволство што добиваме големо засилување за новата прволигашка сезона. Се работи за искусен интернационалец, поранешен репрезентативец со богато интернационално искуство кој треба да донесе стабилност во тимот но и силен поттик за развој на младите фудбалери во нашиот состав – вели спортскиот директор на Брегалница, Никола Тонев.

Централниот дефанзивец Мојсов во македонскиот фудбал се враќа по цели 11 години интернационална кариера. Во нашиот шампионат претходно настапуваше за Тиквеш, Македонија ЃП и Вардар, а од 2010 година се сели во новосадска Војводина. Потоа продолжува во норвешки Бран, белгиски Лирс, па во турската Адана од каде во 2015 се сели во АЕК Ларнака, и сега ќе го носи дресот на Брегалница.

Тимот на Марјан Секуловски утре ги стартува подготовките за новата сезона во Штип, каде ќе се работи до 28 јуни кога следи преселбата во Пехчево. Првиот тест дуел е закажан за 3 јули во Пехчево против Борец од Велес.

Видео на денот