Вегегаријанска исхрана / Фото: Pexels

Големо истражување: Вегетаријанците имаат значително помал ризик од пет видови рак

Вегетаријанците имаат значително помал ризик од пет различни видови рак, покажува обемна студија за улогата на исхраната во развојот на малигни заболувања. Истражувањето, засновано на податоци од повеќе од 1,8 милиони луѓе следени низ повеќе години, утврдило дека лицата кои не консумираат месо имаат 21 отсто помал ризик од рак на панкреас, 12 отсто помал ризик од рак на простата и девет отсто помал ризик од рак на дојка во споредба со оние што јадат месо, пишува „Гардијан“.

Според студијата објавена во списанието „Бритиш журнал оф кенсер“, вегетаријанците имале и 28 отсто помал ризик од рак на бубрег и 31 отсто помал ризик од мултипен миелом. Главната истражувачка, д-р Аурора Перес-Корнаго од Универзитетот во Оксфорд, изјави дека резултатите се „многу охрабрувачки“ за лицата што се хранат вегетаријански, бидејќи станува збор за чести и сериозни заболувања.

Сепак, научниците забележале и повисок ризик кај одредени групи. Лицата што не јадат месо имале речиси двојно поголем ризик од најчестиот тип рак на хранопровод, познат како сквамозен карцином. Веганите, пак, имале 40 отсто повисок ризик од рак на дебелото црево во споредба со месојадците, што можеби е поврзано со понизок внес на калциум и други хранливи материи.

Истражувачите посочуваат дека се потребни дополнителни анализи за да се утврди дали намалениот ризик е резултат на избегнување на месото или на заштитните ефекти од одредени компоненти на вегетаријанската исхрана. Професорот Тим Ки, соавтор на студијата, оцени дека разликите „веројатно се поврзани со самото месо“, но нагласи дека тоа не било директно тестирано.

Во студијата биле вклучени околу 1,64 милиони лица што јадат месо, 57.016 лица што консумираат живинско месо, 42.910 пескатаријанци, 63.147 вегетаријанци и 8.849 вегани. Испитаниците биле следени во просек 16 години, а земени биле предвид и други фактори како индекс на телесна маса и пушење. Анализирани биле 17 различни видови рак.

Не бил пронајден доказ дека вегетаријанците имаат помал ризик од рак на дебелото црево во споредба со месојадците, што, според авторите, можеби се должи на релативно умерениот внес на црвено и преработено месо во испитуваната група.

Професорот Џулс Грифин од Институтот „Ровет“ при Универзитетот во Абердин, кој не учествувал во истражувањето, оцени дека станува збор за импресивна анализа, но додаде дека би било корисно споредување со лица кои се хранат умерено, според препораките на британската Национална здравствена служба, за да се утврди која исхрана е оптимална за намалување на ризикот од рак поврзан со исхраната.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот