Илустрација / Фото: Pexels / Trung Nguyen

Го замолила дедо си да ја одведе до олтарот и предизвикала семејна расправија: „Тоа е навреда“

Една идна невеста побара поддршка на интернет откако нејзиниот избор на личноста која ќе ја испрати до олтарот предизвика сериозни несогласувања во семејството.

Откако го загубила татко си на само 11-годишна возраст, за неа никогаш немало сомнеж – таа чест ќе му припадне на нејзиниот дедо, човекот кој бил покрај неа во сите најважни животни моменти.

Како што раскажала во својата објава на популарната платформа Редит, која ја пренесе и „Пипл“, нејзиниот очув со години се надевал на таа улога, но таа никогаш не го доживувала на тој начин.

Очувот не го доживувала како свој татко

„Тој не е лош човек. Не го мразам, ниту чувствувам одбивност кон него, но никогаш не сум го доживувала како татковска фигура или втор татко“, напишала невестата, објаснувајќи ја природата на нивната врска.

Нагласила дека од самиот почеток била искрена во врска со тоа.

„Отворено зборував за тоа. Разговаравме за тоа на сеанси со мојот индивидуален терапевт, но и на семејна терапија каде што беа присутни и мајка ми и очувот“, појаснила таа.

Се присети и дека на нејзиниот очув тоа не му се допаднало: „Ми рече дека е разочаран и дека сака да работи на тоа да го пребродиме тој јаз за да ми стане татковска фигура, но јас му одговорив дека не сум отворена за тоа“.

Таа дистанца продолжила и во возрасната доба. Споделила ситуации од факултетот кога го претставила како „сопруг на мајка ми“, по што тој ѝ приговорил.

„Ми рече дека очекувал да ги претставам како мој родител, на што јас му повторив дека мојот поглед на него како татковска фигура не се променил“, рекла таа.

Дедо ѝ секогаш бил поддршка

Низ сите животни предизвици, дедо ѝ бил нејзината поддршка. Во својата објава ја опишала силната поврзаност што ја чувствува кон него.

„Од раѓање бев особено блиска со дедо ми од татковска страна. Тој и татко ми беа многу слични, а кон мене беше неверојатно добар и полн со љубов и пред и по смртта на тато. Додека тато беше болен, дедо ми беше покрај мене секој ден. Кога тато почина, токму дедо ми беше тој што најмногу пати ги бришеше моите солзи и ми помогна повторно да застанам на нозе“, напишала емотивно.

Неговата поддршка не била само емоционална.

„Ми го плати целото школување на факултет и ми помогна да изнајмам стан за тоа време. Знаеше дека тато ми оставил нешто пари во фонд за факултет, но сакаше да ги зачувам за купување куќа или за ‘црни денови’, па одлучи да ми помогне и да го направи она што татко ми не можеше“, додала таа.

Изборот на дедото не му се допаднал на очувот

Со оглед на сè, за невестата одлуката била кристално јасна.

„За мене, изборот да го замолам дедо ми да ме испрати до олтарот отсекогаш беше очигледен. И тоа само тој, бидејќи сум неспоредливо поблиска со него отколку со очувот. Го сакам и го сакам покрај себе“, објаснила таа.

Меѓутоа, кога им ја соопштила својата одлука на мајка си и очувот, настанала напнатост.

„Им реков однапред и тогаш не коментираа ништо. Дури откако го прашав дедо ми и откако тој прифати, почнаа да се жалат на мојот избор“, раскажала девојката.

Очувот директно ѝ се спротивставил, тврдејќи дека нејзината одлука е болна и навредлива.

„Рече дека тоа е непочитување кон него бидејќи тој бил потрадиционална татковска фигура отколку дедо ми. Додаде и дека се чувствува како тоа да е навреда, со оглед на тоа што од првиот ден јасно покажувал дека сака да ѝ биде близок и да ѝ стане татко“, споделила таа.

Му одговорила потсетувајќи го на нејзината искреност од самиот почеток:„Му реков дека и јас секогаш бев јасна дека не го гледам на тој начин. Ме обвини дека го казнувам поради смртта на татко ми и дека ја намалувам љубовта што тој ја чувствува кон мене“.

Мајката и очувот се навредиле

Во расправата се вклучила и нејзината мајка, надевајќи се дека ќе ја убеди да се предомисли.

„Ми рече дека тоа е моја свадба, но дека треба да ги земе предвид луѓето кои ѝ се најважни. Ѝ одговорив дека токму тоа и го правам. Ја прашав личноста која ми е најважна“, ѝ одговорила таа на својата мајка.

Кавгата ескалирала кога мајката го поврзала финансирањето на свадбата со нејзиниот избор.

„Рече дека таа чест треба да му припадне на мојот очув и дека тој не треба да ја плаќа мојата свадба за да ја заслужи таа улога. Ѝ одговорив дека никој не треба да плаќа за таа чест бидејќи тоа е исклучиво мој избор“, додала идната невеста.

Откако ја споделила својата приказна на социјалната мрежа, корисниците ја поддржале. Еден корисник коментирал: „Никој нема автоматско право на таа чест. Дури и да беше жив татко ти (нека почива во мир), сепак ќе имаше целосно право да го замолиш дедо ти или кој било друг“.

И покрај сè, невестата признава дека нејзината мајка и очувот не се откажуваат.

„Не им е грижа дали ќе ја повредат врската што ја имаме. Да беше така, веќе ќе се откажеа од ова“, заклучила и додала дека тие всушност сакаат таа да се чувствува поинаку отколку што се чувствува. „Тие сакаат да живеат во реалност која не постои и никогаш нема да постои“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот