Го спречивме ценовниот шок кај горивата, се фали Владата
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини попладнево се пофали дека „со одлукaта на Владата и постапувањето на надлежните институции, се потврди клучната цел – спречено е поскапување на горивата и постигната е нивна стабилизација“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ова доаѓа откако вчера Владата донесе одлука да го намали ДДВ на нафтените деривати од 18% на 10%, а премиерот Мицкоски рече дека поради тоа цената ќе падне за 6 до 7 денари по литар. Регулаторната комисија за енергетика денес соопшти дека дизелот поскапува за нови 3,5 денари и еден литар од ова гориво од утре ќе се продава за 95,5 денари, што е највисока цена во последниве години. Цените на бензините остануваат исти – 86,5 и 88,5 денари.
Од Министерството за енергетика велат дека е „прекинат трендот на раст на цените“.
„Со ова, се потврдува дека навремената и прецизна интервенција на државата го прекина трендот на раст на цените, кој во спротивно ќе значеше значително поскапување за граѓаните и стопанството“, пишува во соопштението од Министерството.
Владата оваа мерка, прва насочена кон намалување на цените на дериватите, ја донесе цели три недели откако горивата нагло почнаа да поскапуваат поради кризата на Блискиот Исток.
„Едноставно: спречивме поскапување, ја стабилизиравме цената и ги заштитивме граѓаните“, велат оттаму.
„Во услови на силен раст на цените на светските пазари во изминатиот период, Владата донесе клучна мерка: намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10%. Оваа мерка, која ќе важи во наредните две недели со можност за продолжување, обезбеди директно намалување на цената за 6 до 7 денари по литар, како и спречување на дополнителен ценовен удар. Според анализите, без интервенција, цената на бензините ќе се зголемеше за околу 6,5 денари по литар, а дизелот за над 10 денари, што ќе предизвикаше сериозен притисок врз транспортот, услугите и цените на основните производи. Ова е интервенција што го прекинува синџирот на поскапувања – од горивата до храната и услугите“, вели министерката Сања Божиновска.
Министерството додава дека изборот на мерката – намалување на ДДВ – е направен врз основа на нејзиниот директен и брз ефект врз крајната цена, за разлика од други инструменти кои бараат подолги процедури и имаат ограничен ефект.


