Го баравме и го најдовме: „Ивермектин“ има во една аптека на Зегин
Иако вчера беше бомбастично најавено дека лекот против ковид-19, „ивермектин“, од денеска ќе може да се купи во аптеките, граѓани се жалат дека овој лек никаде го нема.
Препорачано
И министерот за здравство, Венко Филипче утринава на својот фејсбук профил се пофали дека лекот од денеска е достапен во аптеките.
„Лекот ивермектин од денеска е достапен за граѓаните во аптеките. Лекот ERMETIN (ivermectin) таблета 3 mgx10 во пакување, на производителот World Medicine Ilac San.Ve.Tic. од Турција во аптеките по одобрена малопродажна цена изнесува 299 денари. Лекот може да се зема само со лекарски рецепт од матичен лекар или лекар специјалист. Истиот може да се употребува во домашно и болничко лекување, и да се земе превентивно, исклучиво со лекарска препорака, доколку лице било во контакт со ковид позитивен“, напиша Филипче.
„Слободен печат“ направи обиколка низ Скопје, по што се уверивме дека навистина овој лек тешко се наоѓа. Го најдовме единствено во аптеката на Зегин кај Градската болница „Св.Наум Охридски”.
– Во пакувањето има 10 таблети од 3 милиграми. На кој начин ќе се дозира, ќе одреди матичниот лекар. Може да го користат и деца и бремени жени, ни рече аптекарката.
Се очекува во текот на денот и другите аптеки на Зегин да го добијат лекот.


