„Глувците нема да чекаат втор круг“: Пановски апелира веднаш да се исчисти ѓубрето во Скопје
Скопје се соочува со сериозен ризик од масовно размножување на глодари и можни заразни болести поради наталожениот смет и несобирањето веќе подолго време, предупредува инфектологот Никола Пановски.
Препорачано
Тој нагласува дека вториот круг од локалните избори, заедно со рокот на жалби, предавањето на функцијата, нема да заврши пред 9 ноември, па стаорците и глувците може енормно да се размножат.
„Скопје веќе 20 дена е елдорадо за глодарите. Имаат достапна храна во изобилство. Излегуваат од подрумите, канализацијата и се хранат, се оплодуваат и за едем месец од секое животно ќе се создадат во просек по 10 младенчиња“ пишува Пановски на Фејсбук.
И по евентуалното чистење на градот за 72 часа по 20 дена, вели дека ќе има илјадници гравидни глодарки кои на свет ќе донесат десетици илјади младенчиња.
„Можеби ќе имаме исчистен град, но глодарите ќе бидат многубројни и барајќи храна, ќе бидат крајно агресивни. Храната ќе ја бараат во нашите подруми и гаражи, а ако не ја најдат ќе ни влезат дома. За болестите кои можат директно или индиректно да ги пренесат, прочитајте детално на постот кај колегата Ивица Апостолов, многу точно и коректно напишано“ вели Пановски.
Тој апелира до Владата да прогласи вонредна состојба и сметот веднаш да почне да се чисти.
„Министерство за здравство, Центар за јавно здравје, Институт за јавно здравје, Агенција за храна и ветеринарство, што правите, па вие сте платени да апелирате, да наредувате, да превенирате, не е тоа моја работа. Десетици платени специјалисти по хигиена, епидемиологија, микробиологија, ветеринари, каде сте? Воопшто не е важно дали сега е опортуно да молчите, да чекаме да се исполни ветувањето за 72 часа, аман веќе, побарајте итна акција од Владата, ако не ве слушаат излезете на улица“ порача инфектологот.


