Ѓорѓиевски ќе ја воскреснува плажата на Вардар, кејот веќе се чисти и се уредува
„Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации“, објави попладнево градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Препорачано
– Со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје. Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито. Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор, вели Ѓорѓиевски.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено, информира градоначалникот.
Со овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, за кои Ѓорѓиевски најави дека целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
– На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди, порача Ѓорѓиевски.
Градските плажи на Вардар, уредени со песок и со различни содржини, беа контроверзна идеја спроведена во времето на некогашниот скопски градоначалник Коце Трајановски, како и на поранешниот премиер Никола Груевски и неговиот проект „Скопје 2014“. Плажите беа содржини кои треба да го обележат центарот на Скопје со фокус на Вардар, заедно со големите водоскоци, трите врби во коритото на реката, укотвените бродови-кафеани и пешачките мостови со десетици статуи.
Градските плажи, сепак, не заживеаја и по неколку години немаше интерес да се земат под закуп, по што десетина години стоеја руинирани.


