Ѓоковиќ: Гладен сум да докажам дека сè уште сум еден од најдобрите во светот

Новак Ѓоковиќ, еден од најдобрите тенисери на светот/фото: EPA-EFE/PETER KLAUNZER

Новак Ѓоковиќ на тенискиот самит изјави дека сè уште не планира да се пензионира. На настанот кој беше организиран во клубот Пуенте Романо во Марбеља, српскиот ас зборуваше за своите нови цели во кариерата и амбициите за следната сезона.

– Најголемата цел што ја имам во наредната година и сите што следат, бидејќи не знам уште до кога ќе играм, е да се обидам да бидам здрав и да играм на највисоко ниво. Навистина не се гледам себеси како играм професионален тенис без да бидам меѓу кандидатите за освојување на Грен слем или првото место на ранг листата. Не се гледам на 25 место, нема да играм просечен тенис. Сакам само секогаш да играм на највисоко ниво. Тоа е нешто што го барам од себе и што го бара мојот тим од мене – рече Ѓоковиќ.

Во 2022 година Ѓоковиќ стигна до уште еден голем рекорд

Ноле е свесен дека поради годините мора да работи повеќе од многу негови колеги.

– Работам можеби повеќе од другите играчи затоа што знам дека 35 не е исто што и 25 или 15. Мора да се прилагодите на разликата во години и да бидете во чекор со момците кои се на врвни тренинзи, мотивирани и многу силни. Но, јас сум уште тука и се чувствувам млад како нив – вели Ѓоковиќ.

Српскиот ас зборуваше и за годината што се ближи кон крајот.

– Оваа сезона беше многу предизвикувачка за мене на повеќе нивоа. Начинот на кој започна ми даде искуство што никогаш претходно не го имав, ми требаа неколку месеци да најдам рамнотежа на теренот. И ментално и физички и емоционално. Ми требаше време да почнам да играм тенис како што сакам. Исклучително ми е драго што играв на високо ниво во последните неколку месеци од сезоната, особено турнирите во сала. Доаѓањето во форма не можеше да дојде во подобро време, бидејќи сакав да ја завршам сезоната во висок стил. Се надевам дека тој импулс ќе го пренесам во следната сезона – се зборовите на Ѓоковиќ.

Потврдено: Ѓоковиќ ќе игра на Австралија Опен

Со оглед на тоа што следната сезона не брани голем број бодови, се очекува Ѓоковиќ повторно и официјално да биде „број еден“ во светскиот тенис.

– По завршувањето на минатата сезона не се чувствував исцрпено како претходните години. Веројатно затоа што не сум играл толку многу и затоа нетрпеливо ја чекам следната сезона, верувајќи дека ќе биде успешна. Каде е границата? Навистина чувствувам дека таа граница често постои само во вашиот ум и вашата перспектива. Мотивацијата е целосно присутна. Многу сум гладен да докажам дека сè уште сум еден од најдобрите играчи во светот и дека можам да освојувам трофеи. Се гледаме во Австралија – вели Ѓоковиќ.

Еве уште еден интересен податок за српскиот тенисер, имено Новак Ѓоковиќ е најбараниот спортист на пребарувачот „Гугл“ во 2022 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот