Фото: Архива

Германскиот медиумски гигант „РТЛ“ планира отпуштање на 600 вработени

Додека Германија се соочува со рецесија, а телевизиското рекламирање драстично опаѓа, RTL го започнува своето најголемо реструктуирање во последната деценија. Одлуката предизвика шок кај вработените и медиумската заедница, а новинарските здруженија ја нарекуваат катастрофа. RTL Deutschland планира да отпушти околу 600 работни места, вклучувајќи позиции со полно и скратено работно време. Извршниот директор Стефан Шмитер изјави дека компанијата влегува во тешка фаза на реструктуирање:

– Ќе го спроведеме реструктуирањето на општествено одговорен начин, со почит и транспарентност, иако ситуацијата е тешка – нагласи Шмитер.

Со работничките совети беше договорена програма за отпремнина, со можност за постепено пензионирање и други опции што треба да ги ублажат последиците од отпуштањето. Здружението на германски новинари (DJV) реагираше остро. Претседателот Мика Бојстер ја нарече одлуката на RTL катастрофа за вработените и подружниците на компанијата. Сепак, Бојстер рече дека ги цени напорите на компанијата да избегне целосни отпуштања:

– Планот можеби нема целосно да ги спречи отпуштањата, но ќе ги ублажи најлошите последици – рече тој.

Шмитер наведува дека RTL се соочува со два големи предизвици, длабока трансформација на медиумскиот пазар и тешка економска состојба во Германија. Од 2019 година, приходите од линеарно телевизиско рекламирање се намалија за повеќе од 20%, што покажува дека традиционалните модели повеќе не се одржливи. Сепак, позитивната страна е растот на платформата за стриминг RTL+, која бележи силен пораст на корисниците и приходите. Фокус на стриминг RTL+ моментално има повеќе од 6,6 милиони претплатници, со континуиран раст.
Се очекува платформата да стане профитабилна до 2026 година. Шмитер нагласува:

– Стримингот ќе биде клучен темел на нашиот бизнис. Мораме да ја прилагодиме организацијата на промените на медиумскиот пазар и конкуренцијата со американските стриминг гиганти. Компанијата планира годишни инвестиции во стриминг содржини од над 1 милијарда евра, со цел да се натпреварува со Netflix, Amazon и Disney+.

Буџетите за програмите сè повеќе ќе се префрлаат од линеарна телевизија на дигитални платформи. Реструктуирањето е само првиот чекор во трансформацијата на RTL. И додека вработените минуваат низ најнеизвесниот период, компанијата верува дека фокусот на стримингот и дигиталниот бизнис ќе обезбеди долгорочна стабилност – но по висока цена- пишува Каматица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот