Германска инженерка е прва личност со попреченост што ќе лета во вселената
Германката Михаела Бентаус наскоро ќе стане првиот астронаут со хендикеп. Таа смета дека тоа ќе испрати силен сигнал за поширока социјална инклузија.
Препорачано
„Би ми било мило ако јас не бев првата, ако нашето општество се движеше понатаму“, рекла 33-годишната Бентаус за агенцијата ДПА.
Таа се надева дека нејзиниот лет ќе отвори врати за други мисии за лицата со некоја попреченост.
„Потребни се големи настани за да се врати фокусот на прашањето на темата за хендикепираните и се надевам дека ова нешто ќе покрене.“
Бентаус е параплегичарка од повредата при паѓање од велосипедот во 2018 година. Во меѓувреме, таа станала инженер за Европската вселенска агенција (ЕСА).
Претстојниот лет, меѓутоа, нема никаква врска со ЕСА. Таа ќе оди на краток лет над линијата на вселената со ракетата „Блу ориџин“ на милијардерот Џеф Безос.
Суборбиталниот лет на надморска височина од околу 100 километри трае десетина минути, со краток престој во бестежинска состојба.
Тоа веќе го доживеаја околу 80 луѓе, вклучувајќи и славни личности како пејачката Кети Пери и актерот Вилијам Шатнер – капетанот Кирк од „Ѕвездени патеки“.
Туристичките летови за супербогатите предизвикаа жестоки критики од активистите, кои укажуваат на штетните климатски ефекти во интерес на промоција.
„Својот лет не го гледам како туристички, бидејќи секако ќе се занимавам со наука. Луѓето под наука подразбираат некаков експеримент – во овој случај јас сум експеримент со кој се обидуваме да поместиме некои граници“, рекла Михаела Бентаус.
Таа веќе ја доживеела бестежинската состојба во авион за обука на астронаути.
„Беше убаво да се движам без количка“, рекла таа.


