Фото: Приватна архива

Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Слатка пита со вишни и малини

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.

Фото: Приватна архива

Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес: слатка пита со вишни и малини.

– Постојат десерти што освојуваат уште со првиот залак, со оној совршен слатко-кисел вкус што го разигрува непцето и буди спомени од домашната кујна. Оваа ронлива пита со вишни и малини е токму такво задоволство: кревка и нежна, со богата овошна внатрешност што се топи во устата и создава хармонија меѓу благоста на тестото и природната свежина на плодовите. Едноставна по состав, а раскошна по вкус, таа е идеален избор за семејна трпеза, празничен момент или тивко попладне со шолја кафе – порачува Бобе.

Фото: Приватна архива

Потребни состојки за голема тава:

– 1 кг брашно
– 500 грама шеќер
– 4 жолчки
– 1 ќесичка прашок за печиво
– 2 ќесичка ванила
– 2 маргарина (или путер, по желба)
– 600 грама вишни и малини
– цимет по вкус
– малку млеко (по потреба)
– шеќер во прав (за наросување)

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Во длабок сад измешајте ги брашното, шеќерот, прашокот за печиво и ванилата. Додајте ги жолчките и омекнатиот маргарин (или путер), па замесете тесто. По потреба додавајте малку млеко додека не добиете меко, но компактно и ронливо тесто.

Тестото поделете го на два дела – едниот нека биде малку поголем. Поголемиот дел развлечете го со сукало и ставете го во намастен плех, оформувајќи рабови. Распоредете ги рамномерно вишните и малините, посипете со цимет по вкус.

Од преостанатото тесто направете ленти или изрендајте го врз овошјето за да добиете ронлива површина.

Печете во загреана рерна на 180 степени околу 30–40 минути, додека питата не добие златнорумена боја.

Откако ќе се излади, наросете ја обилно со шеќер во прав и послужете ја исечена на коцки.

Секое парче нуди совршена рамнотежа меѓу слаткото и киселото – вистинско домашно уживање.

На здравје сладење!

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот