Гастро марифети со Ане Лековиќ – Леко и многу вкусни рецепти

Фото: Приватна архива

Готвењето е печат на поединецот, смета Ане Лековиќ – Леко, правничка по професија.

Во животот има неколку ментални фази низ кои минуваме, особено ние жените, шетање, шопинг, кариера и на крајот доаѓа фазата семејство и храната. Според мое гледиште, готвењето е печат на поединецот, нѐ претставува нас како личност, го преставува начинот на живот на поединецот. Бидејќи чинијата е нашето здравје, а јас многу се сакам себеси, автоматски готвењето стана моја пасија, во последните неколку години – ни рече Ане.

Фото: Приватна архива

Ане сака експерименти, ретко се предводи според рецепти. Ја сака медитеранската кујна, но сака и кога еден оброк има примеси од повеќе кујни. Индонезиската и индиската кујна ѝ е често на мени, зашто сака зачинети, слатко -кисело-лути комбинации, како и експериментални тапаси. Вели дека сама се усовршила во готвењето преку лично дегустирање на различни кујни при патувања, кои потоа ги прилагодувала по сопствен вкус, преку разните вегетаријански и вегански групи и преку размена на рецепти со комшии и пријатели од различни страни на светот.

А, ние, во продолжение ви пренесуваме пет рецепти со личен печат на Ане Леко.

Здрави киноа колачиња

Намирници: 1 чаша киноа, 1 чаша вода, 1 лажица маслиново масло, 1 лажица печиво.

Подготовка: Киноата се кисне во вода преку ноќ, минимум 7 до 8 часа. Следното утре водата се фрла и се додава 1 чаша свежа вода. Мерете со истата чаша со која сте ја мереле киноата зашто важно е да се запази тој однос. Додадете 1 лажица маслиново масло и 1 лажица пециво. Потоа, сè ставете во блендер и блендирајте додека добиете еднолична густа смеса. Се добива добра густина, како за палачинки.

Фото: Приватна архива

Школки и кари ориз

Школките се најубави кога рецептот е наједноставен.

Намирници: 2 кг школки се чистат од треви (ако има) и се мијат во ладна вода. На маслиново масло кратко се пропржуваат 2 – 3 чешниња лук (минута до две), потоа се додава магдонос (минута до две), се додаваат школките, се поклопува садот неколку минути, потоа се додава околу 250 – 300 мл бело вино (јас користам слатко „ризлинг“) и се остава да проврие. Штом се отворат школките, готови се.

Ориз „ал денте“: во 150 мл. ладно млеко се става лажица кари и прстофат густин. Се меша константно со маталка. Во друга тава на кратко се запржува лук со маслиново масло и се меша со оризот и сосот. Брзо а вкусно.

Фото: Приватна архива

За љубителите на свежа боранија

Ориз, или уште подобро – рижото, се вари 7 – 8 минути, а посебно се вари свежата боранија (зелена). Се пропржува мелено месо. Потоа, сè заедно се соединува и се додаваат зачини по желба, јас употребувам некои индонезиски силни зачини како куркума, бибер и микс зачини за мелено месо. На крај се ренда пармезан.

Фото: Приватна архива

Специјалитет со тиква

Една тиква, едно јаболко, 500 гр кисела зелка, пармезан, маслиново масло, бибер. Се пече 30 минути на 180 степени. На крај во чинијата се додава пармезан и кашкавал.

Фото: Приватна архива

Трилече – експеримент без брашно

Намирници: 7 јајца, 1 пециво, 150 гр шеќер во прав, 1 литар бадемово млеко, 400 мл хопла, 375 мл кондензирано млеко, готов карамел за декорација и мала промена на вкусот.

Подготовка: белките се миксираат, посебно жолчките се миксираат со шеќерот и пецивото, на крај се соединуваат и се пече на 180 степени, со вентилатор, околу 20 минути. Се полива со ладно млеко.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот