Гардата ја зграби моќта во Иран, ајтолахот веќе го нема главниот збор
И покрај деветнеделната војна и економската блокада, иранскиот систем покажува неочекувана внатрешна кохезија, напуштајќи ја традиционалната „божествена моќ“ во корист на суровата воена превласт и стратешкото влијание врз Ормускиот Теснец.
По два месеци војна со САД и Израел, Иран веќе нема единствен, неприкосновен свештенички арбитар на врвот на моќта, а ова нагло раскинување со минатото можеби го зацврстува ставот на Техеран додека ги одмерува новите преговори со Вашингтон, пишува „Ројтерс“.
Препорачано
Од своето основање во 1979 година, Исламската Република се вртеше околу врховниот водач со конечна власт за сите клучни државни прашања. Но, убиството на ајатолахот Али Хамнеи на првиот ден од војната и издигнувањето на неговиот ранет син, Моџтаба, воведоа поинаков поредок во кој доминираат командантите на Исламската револуционерна гарда (ИРГ) и кој е означен со отсуство на решителен, авторитетен судија.
Моџтаба одобрува „на хартија“
Моџтаба Хамнеи останува на врвот на системот, но тројца луѓе запознаени со внатрешните дебати велат дека неговата улога е во голема мера да ги легитимира одлуките донесени од неговите генерали, наместо самиот да издава директиви.
Воениот притисок ја концентрираше моќта во потесен и порадикален внатрешен круг вкоренет во Врховниот совет за национална безбедност (СНСЦ), кабинетот на Врховниот водач и ИРГ, која сега доминира и со воената стратегија и со клучните политички одлуки, велат ирански официјални лица и аналитичари.
– Иранците се мачно бавни во својот одговор. Очигледно не постои единствена командна структура за носење одлуки. Понекогаш им се потребни 2 до 3 дена за да одговорат – изјави висок претставник на пакистанската влада информиран за мировните преговори меѓу Иран и САД со посредство на Исламабад.
Аналитичарите велат дека пречка за договор не се внатрешните меѓусебни борби во Техеран, туку јазот меѓу она што Вашингтон е подготвен да го понуди и она што радикалната иранска Гарда е подготвена да го прифати.
Ветрот почнува да дува во друга насока
Дипломатското лице на Иран на разговорите со САД беше министерот за надворешни работи Абас Аракчи, на кого неодамна му се придружи и претседателот на парламентот Мохамед Бакер Калибаф – поранешен командант на Гардата, градоначалник на Техеран и претседателски кандидат кој за време на војната се појави како клучна врска меѓу иранската политичка, безбедносна и свештеничка елита.
На терен, пак, централен соговорник е командантот на ИРГ, Ахмад Вахиди, според пакистански и двајца ирански извори кои пред неколку недели го идентификуваа како клучна фигура во Иран, вклучително и во ноќта кога беше објавен прекин на огнот.
Моџтаба, кој беше тешко повреден во почетниот израелски и американски напад во кој загинаа неговиот татко и други роднини, што го остави изобличен и со сериозни повреди на нозете, не се појавува во јавност и комуницира преку помошници од ИРГ или со помош на ограничени радиоврски поради безбедносни ограничувања, велат два извора блиски до неговиот внатрешен круг.
Воените генерали ги тегнат конците
Иран завчера достави нов предлог до Вашингтон, кој според високи ирански извори предвидува етапни разговори, при што нуклеарното прашање би се оставило настрана на почетокот додека не заврши војната и не се решат споровите околу пловидбата во Заливот. Вашингтон инсистира дека нуклеарното прашање мора да се разгледа од самиот почеток.
– Ниедна страна не сака да преговара – изјави експертот за Иран и поранешен американски дипломат, Алан Ер, додавајќи дека и двете страни веруваат оти времето ќе ја ослаби другата.
Ер вели дека иранската ИРГ внимава да не изгледа слаба пред Вашингтон, додека, пак, претседателот Доналд Трамп се соочува со притисок од среднорочните избори и има малку простор за флексибилност без политичка цена.
Според упатени извори, Во Иран се случува одлучувачко реорганизирање на моќта од свештенството кон безбедносниот сектор и Револуционерната гарда.
Иако Моџтаба Хамнеи е формален врховен авторитет, тој само ги потврдува одлуките донесени преку институционален воен консензус. Гардата веќе не само што ја извршува, туку и ја диктира државната стратегија, фаворизирајќи агресивна надворешна политика и отпор кон западниот притисок.
Политичкиот спектар сега се движи исклучиво меѓу радикални и уште порадикални опции.
И покрај деветнеделната војна и економската блокада, иранскиот систем покажува неочекувана внатрешна кохезија, напуштајќи ја традиционалната „божествена моќ“ во корист на суровата воена превласт и стратешкото влијание врз Ормускиот Теснец.
Иран е научен на удари, од нив станува покрут: И да умре Моџтаба Хамнеи, режимот ќе преживее


