Иран е научен на удари, од нив станува покрут: И да умре Моџтаба Хамнеи, режимот ќе преживее
За да се разбере структурата на моќ во Иран, мора да се разбере историјата на режимот што се консолидира по Исламската револуција, прво под Рухолах Хомеини, а потоа и под Али Хамнеи. Една од клучните точки е промената на економскиот систем по војната со Ирак во 1989 година, кога Техеран, наместо кон вистинска пазарна економија, преку „приватизација“ ги префрла јавните ресурси и компании во рацете на фондации и мрежи блиски до режимот.
Новиот ајатолах Моџтаба Хамнеи е во лоша здравствена состојба. Откако беше назначен за нов врховен лидер, по смртта на неговиот татко Али Хамнеи и на дел од неговото семејство во израелско-американскиот напад, тој не се појави во јавноста, освен во дипфејк видео објавено од иранските власти. Наводно се наоѓа во кома, а сè повеќе се засилуваат сомнежите дека состојбата му е критична, па се наметнува прашањето: што ќе се случува со Иран ако умре и овој ајатолах?
Препорачано
Иранскиот систем е поробустен одошто многумина замислуваат и неговата стабилност не зависи исклучиво од личноста на самиот ајтолах, честа заблуда во западните земји. Исламската Република е систем изграден врз повеќеслојна архитектура на моќ распределена меѓу верскиот естаблишмент, безбедносната бирократија, војската, разни уставни тела и економски фондации. Консолидацијата на моќта што е во тек во Иран е структурна, а не лична, а опстојувањето на системот ја надминува секоја поединечна наследничка фигура. Тој процес ќе продолжи и со Моџтаба Хамнеи на чело, а и без него.
Репресијата се храни од санкциите
За да се разбере структурата на моќ во Иран, мора да се разбере историјата на режимот што се консолидира по Исламската револуција уште од времето на првиот врховен лидер на Иран, Рухолах Хомеини, а потоа дополнително се зацврстува под Али Хамнеи. Една од клучните точки е промената на економскиот систем по војната со Ирак во 1989 година.
Техеран не тргнува кон вистинска пазарна економија, туку во процесот на приватизација практично ги префрла јавните ресурси и компании во рацете на фондации и мрежи блиски до режимот, слично на транзицијата на комунистичките земји по распадот на Источниот блок. Наместо да се намали државното влијание, се создава структура во која богатството и контролата сè повеќе се концентрираат кај врвот. Исламската револуционерна гарда притоа гради силни врски со верските фондации, односно со бонијадите, како и со економските структури што тие ги контролираат.
По санкциите на Обединетите нации, САД воведуваат многу пошироки мерки што ги погодуваат извозот на иранска нафта и пристапот на земјата до светското банкарство, а по 2018 година тие дополнително се заоструваат. Но, наместо да го ослабнат режимот, санкциите го постигнуваат обратното. Најмногу се зајакнуваат токму структурите што најлесно функционираат во такви услови на надворешен притисок, се создаваат сиви мрежи.
Земјата почнува да функционира преку посредници и актери кои контролираат, присилуваат и создаваат свои правила на игра. Државата има оправдување да гледа сѐ низ очилата на паранојата, системот станува уште порепресивен, а цената ја плаќаат обичните граѓани.
Во таква средина треба да се разберат и протестите од последната деценија, од 2017 и 2019 година, до „Жени, живот, слобода“ и немирите од јануари 2026. Тие не се само реакција на сиромаштија или на недостиг од слободи, туку израз на подлабока криза во која се споија сиромаштијата, нееднаквоста и гневот кон режимот.
Сепак, во овој случај, се тресеше планината, но се роди глушец. Востанието на кое повикуваа САД и Израел на почетокот на војната не се случи, но тешко и дека очекуваа да се случи. Наместо тоа, шефот на иранската национална полиција, Ахмад-Реза Радан, изјави дека државата сега на „сите прашања“ гледа низ призмата на војната, предупредувајќи дека оние што ќе излезат на улица ќе бидат третирани не како демонстранти, туку како непријатели.
Суштината не е дека Иран дури сега станал репресивен, режимот и претходно брутално се справувал со протестите. Војната само допушти ново оправдување. Иран и Израел ѝ помогнаа на иранската власт сега да го претставува секое домашно противење како дел од поширока безбедносна закана, па така опозицијата и протестот полесно се претвораат во „непријателска дејност“. Војната сега му дава на режимот оправдување да ја прошири моќта на безбедносните институции и да стане уште поавторитативен.
Иран ќе тера исто, со или без Моџтаба Хамнеи
Доколку Моџтаба Хамнеи умре, тоа суштински нема да ја смени насоката на државата.
Во текот на владеењето на неговиот татко Али Хамнеи, Кабинетот на врховниот лидер се трансформираше од релативно скромен клерикален секретаријат во командно јадро на режимот, со досег врз секоја клетка на Иран. Во споредба со првиот врховен лидер на Иран, Рухолах Хомеини, Али Хамнеи немаше исто ниво на харизма и на авторитет. Но, тој го надомести тоа со градење и зацврстување на структурата на системот.
Резултатот на неговата долготрајна и истрајна работа е систем кој функционира без поединецот кој ја игра улогата на лидер. Ако Моџтаба навистина го нема, неговиот наследник најверојатно ќе дојде од истата клерикално-безбедносна констелација и ќе остане тесно усогласен со системот во кој бонијадите и војската соработуваат, а кој денес доминира во Исламската Република.
Дури и ако новиот наследник на почетокот нема политичка позиција каква што имаше Моџтаба, ниту акумулиран авторитет каков што имаше Али Хамнеи, самата структура на функција на системот се осмислени така што со текот на времето станува поконсолидиран и помоќен. Верската димензија на системот ќе остане важна, но сè повеќе како извор на легитимитет за поредок чијшто вистински центар на тежина лежи во безбедносниот апарат и во институциите групирани околу кабинетот на врховниот лидер.
Она што, значи, најверојатно ќе го произведе повоениот Иран не е систем што се движи подалеку од врховното лидерство, туку поцврста Исламска Република. Во пракса, тоа значи политички поредок што е покрут и помилитаризиран од порано. Наместо да отвори пат за трансформација, војната веројатно ќе го турне Иран подалеку во спектарот на автократијата.
Техеран ги повика граѓаните да прават жив штит околу електраните за да ги одврати нападите на САД


