Техеран ги повика граѓаните да прават жив штит околу електраните за да ги одврати нападите на САД
Високи ирански функционери повикаа на формирање жив штит околу електраните и другата клучна енергетска инфраструктура, како реакција на заканите од американскиот претседател Доналд Трамп за можни напади врз клучната инфраструктурата во Иран.
Препорачано
Алиреза Рахими, секретар на Врховниот совет за млади и адолесценти, преку видео-обраќање ги повика граѓаните, особено младите, студентите, уметниците и спортистите, да се соберат околу клучните енергетски објекти, пренесуваат тамошните медиуми.
„Да се собереме околу националните ресурси што ѝ припаѓаат на иднината на Иран“, порача Рахими, нагласувајќи дека повикот е надвор од политичките поделби.
Апелот доаѓа во пресрет на истекот на рокот што Вашингтон му го постави на Техеран за отворање на Ормуски Теснец, со предупредување за можни напади врз клучната инфраструктура.
Иран и во минатото организирал слични акции во услови на зголемени тензии, особено околу нуклеарните постројки, пренесуваат тамошните портали.
Ваквите потези отвораат сериозни прашања во контекст на меѓународното право, бидејќи користењето на цивили како заштита на потенцијални воени цели може да се смета за спорна и ризична практика.
Сличен пример беше забележан за време на Заливската војна во 1991 година, кога режимот на Садам Хусеин користеше цивили како жив штит за да ги одврати нападите врз одредени цели.
Тензиите меѓу САД и Иран продолжуваат да растат, со зголемен ризик од директна ескалација во регионот.


