Дипломатите и војската се влечат со јаже во Иран
Внатрешниот хаос во Техеран, поради поделбата меѓу дипломатите и Исламската револуционерна гарда, значи дека Иран привремено не функционира како конзистентен субјект и постои раскол за понатамошната стратегија. Ако нема јасно единство околу тоа дали ќе се постигне договор и под кои услови, тогаш се нарушува принципот на суверена одговорност, а Доналд Трамп го користи тоа во своја корист.
Американскиот претседател Доналд Трамп им даде кус рок на разединетите ирански фракции да се обединат, да ја разгледаат контрапонудата на Америка за мир и да решат што ќе направат. Инаку, Трамп се закани дека може веднаш да го прекине примирјето кое беше продолжено вчера.
Препорачано
Преговарачкиот тим на американскиот претседател смета дека договор за крај на конфликтот и за решавање на нуклеарното прашање на Иран сè уште е достижен, но сериозно го загрижува тоа што во Техеран нема јасен центар на одлучување, според извори запознаени со приликите. Ајтолахот Моџтаба Хамнеи наводно ретко комуницира со останатите делови од државниот апаратус, додека, пак, генералите се во судир со дипломатите околу идниот курс на државата.
Овие поделби станаа очигледни уште на преговорите во Исламабад, кога генералот Ахмад Вахиди ги оттурнал дипломатските позиции. Тензиите ескалирале кога министерот Абас Арагчи најавил отворање на Ормускиот Теснец, што воените структури одбиле да го спроведат.
По убиството на секретарот на Врховниот совет за национална безбедност, Али Лариџани, системот дополнително се дестабилизираше бидејќи клучни фигури како Лариџани имаат симболична тежина во Иран, таквите лидери се кохезивниот елемент кој го одржува единството. Земјата навидум функционира како една целина, но нарушениот баланс на моќ предизвикува поларизација меѓу „помеките“ и „потврдите“ центри – односно меѓу дипломатските и воените струи.
Што е внатре, тоа е и надвор
Внатрешниот хаос во Техеран, поради поделбата меѓу дипломатите и Исламската револуционерна гарда, значи дека Иран привремено не функционира како конзистентен субјект и постои раскол за понатамошната стратегија. Ако нема јасно единство околу тоа дали ќе се постигне договор и под кои услови, тогаш се нарушува принципот на суверена одговорност, а Трамп го користи тоа во своја корист.
Aмериканската блокада на иранскиот поморски сообраќај, сосе запленувањето брод под иранско знаме, дополнително ја влошува ситуацијата.
Вечни се само интересите
Според досегашното искуство, дипломатските решенија се компромис, а кој колку ќе попушти зависи од тоа кој колкава моќ има.
За Трамп, на пример, продолжувањето на примирјето е тактичка одлука. Тој проценува дека веќе го извлекол максимумот и дека понатамошна воена ескалација носи повеќе трошоци отколку добивки. Трамп намерно поставува кратки рокови, како најновиот рок од три до пет дена, а ова е дипломатија на принуда со која сака да изврши притисок за Иран да капитулира без дополнителна воена интервенција. Неговите тврдења дека Иран губи стотици милиони дневно и дека сака отворање на Ормускиот Теснец, што не е целосна лага, ги поставува динамиката и условите на преговорите. Америка функционира и со сегашната воена интервенција, а Иран е парализиран.
Од друга страна, пак, во Иран се чини дека голем дел од моќта во моментов лежи кај воените структури. Ако тие не гледаат корист од договорот, нема да дозволат негово склучување без разлика на економскиот притисок. Нивниот адут и понатаму е саботажата на светската трговија со блокада на Ормускиот Теснец, што, се надеваат дека ќе ги мотивира непријателите да отстапат барем нешто.
Посредникот е така-така
Фактот што преговорите се водат преку Пакистан и посредници покажува отсуство на силни меѓународни институции што би го менаџирале конфликтот. Исламабад сака да се постави како клучен посредник, иако има сопствени регионални конфликти и спорни односи.
Неговата улога е мотивирана од енергетската зависност и од економската криза. Сепак, историското искуство сугерира дека очекувањата за награда од Вашингтон може да бидат преценети, иако, во мигов, тој е корисен како посредник.
Новите маневри на американскиот претседател, како неодамнешната заплена на иранскиот брод, го разгоруваат конфликтот и ја поткопуваат довербата меѓу двете земји, односно повеќе довербата на Иран кон САД. Трамп сака да покаже надмоќ во преговорите, што директно ги намалува шансите за договор бидејќи Иран го чита секој потег на Америка како закана.
Иранските сили отвориле оган врз трговски брод во близина на Ормускиот Теснец


