Изведбата на проектот е од скопското архитектонско студио „Студио 90“
На самиот почеток на работата, во фазата на дискутирање за проектот – клиентите беа многу јасни: посакуваа нивниот стан да биде уреден во скандинавски стил, со некои медитерански акценти во просторот. Одлучивме дека ќе користиме природни материјали во ентериерот во комбинација со светли бои.
Големи стаклени површини се секогаш добредојдени

Станот се наоѓа во еден од блоковите во населбата Аеродром во Скопје, со југоисточна ориентација. Повеќето прозорски отвори се со стандардна големина – единствена целосно застаклена површина е преградата што го дели влезниот салон од балконот. Големото количество на природна светлина придонесува за пријатниот амбиент во домот.

Најголема интервенција во просторот беше рушењето на преградниот ѕид помеѓу кујната и ходникот. Во новопроектираната состојба, од влезниот салон се пристапува во кујната што е споена со трпезарискиот простор, а преку трпезаријата се пристапува до спалните соби и бањата.

Скандинавска белина во комбинација со медитерански елементи
Централен елемент во салонот за дневен престој е големата библиотека. Останатите ѕидни површини се едноставно, стандардно обработени со бела боја, а со тоа визуелно не се наметливи во просторот. На подот поставен е благороден дабов паркет, што прави неверојатен контраст со белата боја.

Гранитните плочки поставени на ѕидот во кујната како своевиден мозаик, потсетуват на медитеранските ентериери во кои доминираат јаки бои; тие се акцентот во кујната што е во хармонија со останатите елементи.

Голем предизвик е внимателно да се дозира количината на боја и типовите на материјали употребени во просторот, за да се добие посакуваниот ефект.
