ГАЛЕРИЈА | На хипотерапија и дружба со коњи на ранчот во село Опила: Летајте без крилја и освојувајте без меч

базен опила ранковце хипотерапија мариа дуда
ФОТО: Приватна архива

Кога бог го создал коњот, му рекол на величественото суштество: „Јас не те создадов како никој друг, сите богатства на земјата лежат меѓу твоите очи, твоите пријатели ќе ги носиш на грб, седлото твое ќе биде седиште на молитви, а ти летај без крилја и освојувај без меч.“

коњ ранч
ФОТО: Приватна архива

Откако се врати од САД, Марија Дуда презеде низа хуманитарни акции, а неодамна си го оствари и својот животен сон – отвори ранч, односно прв „Зелен центар“ (Грин комфорт центар) за терапија со коњи. Приврзаноста на Марија кон коњите датира од многу рана возраст, од 9 години, или како што самата вели, „кога бев доволно храбра и сè уште не толку висока за да „крадам“ коњи кои беа врзани да пасат по полињата, секогаш кога ме носеа моите на село за викендите и во текот на летните месеци“. „Зелениот центар“ е веќе отворен за јавност, а специјализиран е за хипотерапија, односно за физичка активност иинтеракција со коњи.

ранч базен опила
ФОТО: Приватна архива

„Коњите се предобри терапевти кога станува збор за анксиозност, депресија, развој на лични вештини, како и одлични терапевти за лица со посебни потреби. Секое време поминато со овие животни, а и со останатите животни на ранчот, како кучиња и мачиња, е време за себепронаоѓање и фокусирање на „сега“ и овој момент“, ни објаснува сопственичката.

ранч коњ
ФОТО: Приватна архива

Ранчот се наоѓа во село Опила, општина Ранковце, и не случајно е одбрана оваа локација. Тоа е местото каде што Марија ги поминувала најубавите детски години дружејќи се со животни кога тука престојувала преку лето. Околината е волшебна, со преубави планини и недопрена природа, доволно за полнење на душевните батерии на секој поединец.

ранч коњ
ФОТО: Приватна архива

„Во зависност од програмата, дали е еднодневна посета, неколку дена или седум дена, и во зависност од личноста и нејзините потреби, ги прилагодуваме и нашите понуди. Нудиме базен, тура со велосипеди, тура со четирицикли, јавање, трчање и пикник со коњи, интерактивност со сите животни, јога… Гостите можат да си го донесат и својот домашен миленик“, вели Марија.

ранч коњ
ФОТО: Приватна архива

На ранчот се служи здрава и вкусна храна, вегански и вегетаријански јадења, а меѓу специјалитетите се издвојуваат басмати ориз со кари сос, слатко-кисело и соја сос, салати и природен чај од планински тревки, мексиканската храна, паста и различни видови смути. Ја прашуваме Марија кои се физичките и когнитивните предности на јавањето коњи кај децата.

ранч коњ
ФОТО: Приватна архива

„Секое дете оттука си заминува со огромна насмевка. Децата не знаат да сокријат ако нешто не сакаат, а исто така и кога нешто сакаат. Физичките предности од јавањето се во тоа што тоа делува директно на исправеното држење на рбетот, на затегнување на мускулите на нозете, стомакот и грбот, затоа и се препорачува како активна терапија за дечиња со посебни потреби. Добра вежба е и за кардиоваскуларниот систем и дишењето. Јавањето делува директно на мозокот и умствените предизвици кај дечиња со аутизам, со проблем со говор, церебрална парализа и дечиња со хиперактивност и расеаност, затоа што со коњите комуницираме со и без говор, тие имаат развиена вибрација и инстинкт. Понатаму, јавањето е корисно за намалување на стресот, за зголемување на хормонот на среќата и задоволството – серотонин, за
зголемување на самодоверба, трпение, внимание и емпатија“, детално ни објаснува Марија Дуда.

коњ ранч
ФОТО: Приватна архива

Благодарение на базенот пак, ранчот е поволен и за луѓе со физички хендикеп, а самиот базен е дизајниран за тие да имаат пристап во количка. А, кога сме веќе на посета на ранчот, можностите за интересни излети во околината се големи. Општина Ранковце има преубави патеки за возење велосипед, па така можете да извозите до Камените кули во Кратово, поминувајќи 13 километри низ живописни села. Планина Герман е тука, манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ е на оддалеченост од 23 километри, а езерото Отошница на само 7 километри.

марија дуда коњ ранч базе
ФОТО: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот