Фото Жанета Здравковска, редакција „Сакам да кажам“
Фото: Жанета Здравковска, СДК.мк

ГАЛЕРИЈА | Директорката од Демир Хисар што беше притискана на носилки да се јави во станица, денеска дојде на информативен разговор

Директорката на средното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар, Маја Лозановска, во чија семејна куќа викендов полицијата спроведе драматичен претрес при кој началникот бараше на носилки таа да биде доведена на информативен разговор во станица поради што заработи разрешување, денеска се појави на информативен разговор со адвокатот Жарко Стеваноски. Со претресот се бараше печатот на училиштето, а Лозановска за „Слободен печат“ изјави дека го чува на безбедно во училиштето во сеф. И таа и адвокатот велат дека полицијата брзала да го обезбеди печатот на ден пред избори за новата директорка, назначена, според нив на незаконски начин од страна на градоначалникот, да може да ја преземе функцијата. Лозановска вели дека нејзиното разрешување е незаконско.

Фото Жанета Здравковска, редакција „Сакам да кажам“
Фото: Жанета Здравковска, СДК.мк

Адвокатот Стеваноски најави дека во полиција ќе бараат да се направи увид во училиштето, зашто имаат информации дека пред претресот некој провалил во училишните простории. Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека просветниот инспекторат пронашол големи неправилности во работењето на директорката, меѓу кои и финансиски па затоа таа била разрешена.

– Тоа што тој началник постапил надвор од овластувањата, и спротивно на Законот за кривична постапка тој ќе си сноси последици. Но, суштината е зошто никој не го коментира работењето на сменетата директорка, и зошто никој не го коментира во јавноста исчезнувањето на печатите и документи од училиштето – рече Мицкоски.

Адвокатот на директорката, Жарко Стеваноски, му одговори на Мицкоски:

-За наводните причини за нејзино разрешување, со оглед дека премиерот изјави дека будно ги следел случувањата, го повикувам на 12 август будно да ги следи медиумите со цел да се увери во небулозите кои очигледно му ги сервира локалниот огранок на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Хисар под палката на градоначалникот на Општина Демир Хисар. Со оглед на брзата реакција на МВР в.в со постапувањето на сега разрешениот началник на ОВР Демир Хисар, сакам да верувам дека откако премиерот ќе ги види и чуе аргументираните докази кои потврдуваат чисто партиско политичка злоупотреба од страна на градоначалникот во пресрет на локалните избори, исто како и МВР ќе ги санкционира постапките на своите партиски претставници во Демир Хисар, одговори Стеваноски. 

Директорката Лозановска за „Слободен печат“ во саботата изјави дека додека користела боледување и одмор, со порака била информирана дека е разрешена без никаква законска постапка. Го обвини градоначалникот дека трет пат ѝ го прави ова, а дека претходно двапати била враќана на позицијата директорка, а на градоначалникот му биле одземени овластувањата да именува, па неа за директорка ја именувал министер за образование. Печатите од училиштето ги чува на сигурно во сеф додека користи одмор и боледување, а според законот уште е директорка. Според неа целиот претрес и барање на печатите  е за да се спроведе незаконско предизборно менување на директор.

-Така, од в.д. директорката дознав дека сум разрешена. Земав лекарства, дома сум и не можат да ме добијат да ми го врачат писмото. И бидејќи сум на боледување, не отидов на примопредавањето. Во училиштето немаме секретар бидејќи тој во февруари замина во пензија и градоначалникот не ми даде согласност да се вработи друг.

Печатите се кај мене. Кога заминувам си ги оставам во метален шкаф во архива и не може било кој да ги земе. Ги барале печатите и покрај тоа што не сум примила решение за разрешување, а додека не примам решение јас сум според законот уште директор. Сакаат надвор од постапката да ги земат печатите и целата постапка да се заврши во Централниот регистар и таа да биде директорка од понеделник.

Целиот циркуз вчера беше за да ги дадам печатите, зашто јас го имам клучот. Брзаа вчера зашто денес ќе ги распишат изборите. Не знам што ќе правеа со печатите синоќа во 20 часот и како ќе извадеа од Централен регистар? Дојдоа вчера, викнав адвокат имам и болна мајка. Без пардон, велат да дојдеш во станица и каде се печатите? Мислеа да ме притиснат да кажам каде се печатите. Викнаа екипа да ме носи во станица со притисок 160 со 100.

После тоа заминале во училиштето полицајците, ги барале ноќеска печатите, в.д. директорката им отворила, благајникот пошол и двајца служители. Претходно ја обиле мојата канцеларија. Професор сум одамна, имам 57 години и сум правична, професионална и работам, не можат да ми најдат маана па мора вака да се прави – изјави за „Слободен печат“ Лозановска.

Таа додава дека досега во училишниот одбор нема добиено предлог за нејзино разрешување, но во училиштето за нејзината работа имало многу инспекции.

-Ништо не најдоа, финансиски сè си е во ред. Дојдоа двајца инспектори од Просветен инспекторат од Скопје. Ми понудија, ако не сакам да ми напишат негативен записник да си дадам оставка. Зошто негативен записник? Зашто не оваа, туку минатата учебна година кога имавме скратен број на училишни денови според календарот, (не 180 туку 170), зошто не сум го реализирала фондот на часови. Па им објаснив, дека тоа е така зашто имавме помалку работни денови.

Потоа ми пратија записник зошто не сум презела ништо да има фонд на часови, а новиот закон дозволува отстапување од 5 проценти во фондот на часови. По кој закон ќе ме казнат? По стариот?

Го примив нивното писмо на 30 мај и имам рок од 30 дена да дадам докази зошто не бил остварен фондот на часови. Имам докази од поштата дека писмото до Просветен инспекторат е испратено. И тие не чекаат да ја примат поштата, туку на 30-ти јуни со истиот записник испраќаат допис до училиштето, дека во рок не сум дала одговор и го задолжуваат училишниот одбор да даде одговор место мене.

Училишниот одбор им ја прати во ДПИ мојата доставница за пратката што им ја пратив.

Сега на Совет на родители, градоначалникот рекол дека добил предлог од овие двајца инспектори за мое разрешување, зашто не сум доставила докази на време. Затоа тој како градоначалник ме разрешува, без постапка на училишниот одбор. Денеска ги распишуваат изборите и сите постапки ќе бидат во мирување, затоа брзаат со печатите, изјави Лозановска.

Фото: Жанета Здравковска, редакција „Сакам да кажам“
Фото: Жанета Здравковска, СДК.мк

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот