Гајдов: Борбата со Бугарите е тешка, ама можеме да ја добиеме ако ни помогнат САД и Европа
„Бугарите имаат закопана позиција и тоа е точка. Ние може да избоксуваме да ја добиеме оваа тешка борба, со помош на Европјаните и Американците. Војната во Украина на Путин покажа дека газда во Европа е САД“, вели новинарот и политички аналитичар Љубомир Гајдов.
Препорачано
Според него, за ова има докази.
-Во декември 2021 на Блед, Макрон му рекол на Радев пред Меркел: Ако не дозволите до Нова година Македонија да почне преговори со ЕУ, ви гарантирам дека Бугарија нема да добие ниту едно евро од ЕУ и тоа се случи. Бугарија доби чекан по глава со шенген-зоната. Исто така очекуваат до Нова година да влезат во Еврозоната, што е надвор од памет. Попрво ќе се качат на Месечината, отколку да влезат“, рече Гајдов во гостувањето во емисијата „Топ тема“ на „Телма“.
Toj оцени дека Бугарија со својата политика не се судира со Македонија, туку со американскиот интерес на Балканот.
„Америка има интерес целиот Западен Балкан да биде дел од Европска Унија. Целиот Западен Балкан. Треба да ја гледаме големата слика“, оцени Гајдов.
Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, пак, рече дека начинот на кој бугарската држава во континуитет се однесува кон Македонија нема да ги разлади вжештените односи меѓу двете држави, туку уште повеќе ќе придонесе за ескалација и затегнатост во меѓудржавните односи.
„Од едноставна причина што не можете вие да бидете, како држава која е дел од Европската Унија, да се однесувате кон Македонија по еден стереотипен балкански тек од некаде крајот на 19-от и преодот кон 20-от век,“ рече Ѓорчев.


