Фудбалерите преку Израел го бркаат третото место

Нашата најдобра селекција на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје ќе ги заврши квалификациите за пласман на Европското првенство 2020 година, а избраниците на селекторот Игор Ангеловски се надеваат на успешен победнички крај.

Израел е противник кој може да „падне“ на нашиот најголем стадион, на првиот меѓусебен дуел одигравме нерешено (1:1).

– Одлично се познаваме со Израел, игравме и во минатите квалификации. Секој меч е посебен, но јасно е дека нивни главни адути се напаѓачите, пред сè Захави и Дабур. Нападот им е доста опасен, но како тим имаат и свои слабости, кои ние ќе се обидеме да ги искористиме. Кога игра репрезентацијата сакаме поддршка, на последните натпревари имавме полни трибини, а фудбалерите вратија на најдобар начин. Подготвени сме и мотивирани повторно да ги израдуваме повторно нашите навивачи. За нас не постои притисок за да го освоиме третото место, туку ние на таа шанса гледаме како мотив. Овие фудбалери за сето тоа што го покажаа во овие квалификации заслужија да завршат како трети. Ние одиме на победа, а колку ќе биде доволно ќе видиме – рече селекторот на Македонија, Игор Ангеловски.

Квалификации ЕП 2020

Денеска, двојки:
Македонија-Израел (20.45 часот)
Летонија-Австрија (20.45 часот)
Полска-Словенија (20.45 часот)

Табела: Полска 22 бодови, Австрија 19, Словенија 14, Македонија 11, Израел 11, Летонија 0.

– Ова е последниот наш меч во овие квалификации и сакаме со победа да ги завршиме квалификациите и да се пласираме таму каде што никогаш досега не сме биле. Сакаме да бидеме трети. Игравме во овие квалификации во една неатрактивна, но тешка група и само против Австрија потфрливме, додека на останатите мечеви одигравме добро. Можеби можевме да освоиме и повеќе бодови, но решаваа нијанси. Не успеавме да стигнеме до тоа второ место за директен пласман на Евро 2020, па сега третото место би било добар резултат за нас во овие квалификации. Подготвен сум за дуелот со Израел, а дали ќе настапам зависи од селекторот – се зборовите на капитенот Горан Пандев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот