„Франкенштајн“ на домашна адреса: Кинески дилери нудат смртоносна дрога како „брза пратка“ до Македонија
Истражување на „Слободен печат“: Откривме мрежа на онлајн продавачи кои преку мали огласи, Телеграм, Сигнал и криптоплаќања нудат супстанции рекламирани како нитазени — синтетички опиоиди поврзани со стотици смртни случаи ширум светот.
Гледав во екранот вчудоневидено: На видеото што го добив преку „Телеграм“, имаше ливче хартија со моето корисничко име и датумот 19 мај 2026 година. Хартијата беше поставена врз ќеси полни со прашкаста материја. Дилерот, чиј број го најдов во навидум обичен оглас на македонски интернет-огласник, тврдеше дека станува збор за „Франкенштајн“ – смртоносен синтетички опиоид од видот „нитазени“.
Препорачано
Името „Франкенштајн“ не е случајно. Оваа дрога е премногу опасна и е 500 пати посилна од морфиумот. Доведува до кома затоа што од микроскопски дози луѓето престануваат да дишат. Поради тоа што е пресилна, многумина паѓаат во бессознание и не се будат повеќе.
Иако мојата намера како новинарка на „Слободен печат“ никогаш не беше да ја купувам дрогата, туку да ја истражам нејзината достапност, дилерот ми го испрати видеото како „гаранција“ дека стоката е резервирана за мене. Тој тврдеше дека и порано успешно испорачувал во Македонија. Вистинитоста на ова тврдење, како и точниот хемиски состав на прашокот кој се рекламираше на македонската огласувачка платформа како „протонитазен“, не можевме независно да ги потврдиме.
-Без вештачење не може да кажеме дека таа супстанца е токму таа што се рекламира. На светските пазари се нуди сè и сешто. Треба да има заплена и реализација од барем еден грам, да се извештачи токсичноста и психотропноста, а сè дотогаш не може да знаеме дали е ова маркетинг-трик или вистинска опасност, вели за „Слободен печат“ Љубомир Ѓурчевски, поранешен висок началник во МВР.
Истражувањето ме одведе и до интернет-страници за мали огласи во Словачка. И таму „врие“ од луѓе што се претставуваат како онлајн дилери на нитазени. Двајца од нив чии контакти беа јавно достапни на словачкиот огласник, како гаранција за сигурност при купувањето на овие лабораториски создадени дроги, ми испратија интерни докази од нивните наводни претходни испораки ширум Европа.
Според овие фотографии од наводно успешни поштенски достави на нитазени, чија автентичност не можев независно да ја потврдам, само во текот на овој месец во Бугарија влегле четири пратки со оваа супстанција, а имало испораки и во Франција.

Сомнежот дека не станува збор за наивна интернет-измама, туку за свесна илегална трговија со наркотици, се засили во моментот кога на дилерите им го открив мојот вистински новинарски идентитет.
Реакцијата на трговците беше инстантна: веднаш по претставувањето дека сум новинарка – панично ги избришаа сите испратени материјали за нивните наводни поштенски испораки од нашите разговори на апликацијата „Телеграм“. Но тие веќе беа зачувани. И изгледаат вака:



Кога двата броја за следење на овие пратки (tracking numbers) ги внесов во системот за следење пратки на Royal Mail тие ме однесоа до постоечки доставени пакети. Кога го прашав испраќачот што имало во нив, добив одговор:
-5 центилитри протонитазен APVP.
Додека работев на оваа тема, еден оглас за продажба на протонитазен и на други илегални прекурзори на македонска огласувачка платформа беше активен, но утредента беше избришан, а пронајдов и траги од неколку од нив што биле објавени па избришани во минатото на истиот македонски огласник.
Во секоја ваква „реклама“, продавачите бескрупулозно ги оставаат сите контакти за директен пристап до нив – „Телеграм“, „Сигнал“, „Ватсап“ но и своите адреси на специјална шифрирана швајцарска апликација за која не се потребни телефонски број и адреса за регистрација. Покрај нитазените нудат и цела абецеда други прекурсори. Фотографиите од огласите изгледаат вака:

Трговијата со „Франкенштајн“ се чини дека бара упорни играчи кои се решени да го прогонуваат и Балканот. Криејќи се зад шифрирани пораки, се допишував со петмина од нив – четворица со телефонски број од Хонг Конг и еден што тврдеше дека испорачува од Лондон.
Преку интернет-огласи споделени во Македонија и регионот, тие нудат супстанции што ги претставуваат како нитазени со достава до домашна адреса. Продажбата на смртоносна дрога ја третираат со истата лежерност како и тргувањето со половен велосипед.
А еве како изгледаа дел од нашите конверзации:
Како доказ дека „стоката“ ја имаат на лагер, во комуникацијата ми доставуваа прецизни ценовници, фотографии и видеоматеријали. Нивната маркетинг-стратегија на апликацијата „Телеграм“ се потпира на јавни објави (Stories) со кои се демонстрира целиот процес на производство и пакување: на видеата се гледаат десетици полни ќеси со прашкасти материи, шишиња со непознати хемиски супстанци, кујнски миксери во кои се обработува густа кафена маса, дигитални ваги.
Снимките прикажуваат импровизирани лаборатории што функционираат надвор од секаков систем на контрола, каде наводно се произведуваат нитазени — супстанции што лесно предизвикуваат предозирање и смрт.
Најголемиот дел од нив, децидно ми тврдеа дека „на царина нема да има проблем“.
Ми ги даваа адресите и QR-кодовите од нивните криптопаричници за да ја извршам уплатата. А откако ќе се повлечев и ќе исчезнев, не сакајќи да извршам криминална финансиска трансакција во биткоини, со денови ги добивав нивните загрижени прашања зошто уплатата не е извршена и зошто не сакам да бидам во „добар бизнис“ со нив.
Она што не го добив, а им го барав, беше доказ дека во минатото испратиле нитазени во Македонија. Еден од нив на таквото барање отворено ми призна:
-Извини, ние сме дилери на дрога. Не е професионално да испратиме таков доказ од безбедносни причини. Но доставата на твојот пакет е стопроцентна, ти ветувам.
Дилерите од огласниците ми тврдеа дека имаат воспоставена шверц-логистика и дека доставата може да ја организираат за 3 до 14 дена, зависно од тоа кој каде тврдеше дека се наоѓа – од Хонг Конг до Лондон. Нудеа чудни гаранции за стопроцентна испорака и 99-процентна чистота на нитазените во своите огласи.
-Испораката е стопроцентно сигурна и гарантирам дека ќе ти дојде за 72 часа на твојата локација откако ќе ми ја дадеш адресата. Нарачката ќе се достави со DHL, или со UPS, а можеме да користиме курирска служба за испорака по твој избор, ми напиша еден од нив.
Но тој не беше единствениот:
-Може да доставиме во Северна Македонија, доставата е од Кина. Бромазолам, метонитазен. Дали ти треба и тоа? Протонитазен 13.900 долари за килограм, метонитазен 13.200 долари за килограм. Плаќањето е во биткоини. Претходно имаме испорачувано во Северна Македонија. Дефинитивно ќе стигне за 12-14 дена. За твојата загриженост околу царината, нашиот чест шпедитер веќе ја има решено таа работа. Нудиме услуга до врата, со поминување на царина и вклучени даноци. И претходно имаме доставувано производи до таа држава и сите стигнаа безбедно во рацете на нашите купувачи. Зборувам конкретно за протонитазен и метонитазен. Биди спокојна за квалитетот. Го преземаме ризикот да ги произведуваме овие специјализирани производи баш за да изградиме долгорочно партнерство со клиентите. Само со највисок квалитет можеме да ги задржиме корисниците на долг рок – ми напиша сумирано вториот продавач со телефонски број од Хонг Конг што го најдов во онлајн огласник.
Друг пак, пронајден на ист начин, преку апликацијата „Сигнал“, ми тврдеше дека досега во Македонија прошверцувал само „слични производи“, а за половина килограм протонитазен побара 4.600 долари на специфичен криптопаричник под кој имаше кинески симболи. Запрашан како ќе стигне пакетот рече:
-Најмногу праќаме преку FedEx.
Кога побарав слип како доказ за претходна шверц-рута во Македонија, продавачот се извлече дека го изгубил бидејќи бил „од поодамна“. Како замена, ми препрати порака од неговиот шпедитер во која тврди дека „Македонија има висока стапка на прифаќање експрес-пратки“.
Ми испрати и каталог од целиот „репертоар“ на кој имаше список од илегални прекурзори со комплексни имиња како и фотографии од тоа што тој тврдеше дека е протонитазен и метонитазен. Телефонот ми го полнеше и со фотографии од прашкасти материи врз дигитална вага.
-Ќе ти стигне за 7 до 10 дена. Имаме наша фабрика и таму произведуваме. Имаме и R6890, има сличен ефект како и протонитазенот.
Потоа се префрлив на огласник во Босна и Херцеговина.
Таму пронајдов две различни реклами со сличен изглед – генеричка фотографија од девојка „залепена“ до прашок и имињата на дрогите со флуоресцентни букви. Двете реклами имаа на нив два различни телефонски броја со повикувачки код на Хонг Конг.
Пристапувајќи им на луѓето од другата страна, во две засебни конверзации, откако добив потврда дека продаваат протонитазен, им побарав доказ за претходни испораки. Првиот од својот екран ми испрати фотографија со движење на пакет доставен преку Пошта на САД (United States Postal Service) до Индијанаполис, Индијана.

Го имаше оставено и бројот за следење на пратката. Кога независно го впишав овој број во онлајн системот на United States Postal Service, успеав да ја проверам автентичноста на оваа достава. Пакет бил пратен, од оној кој на интернет се претставуваше како дилер на нитазени. Кога го прашав што содржела оваа пратка, тој ми реплицираше:
-Не треба да знаеш што има во пакетите на другите луѓе. Само треба да знаеш дека можеме безбедно да го транспортираме тоа.
Истиот соговорник ми го испрати и следниот доказ за успешна достава до Депок, Индонезија, заборавајќи да ја отстрани лентата каде се впишува УРЛ-адресата, па така откривме дека таа адреса води кон целосен систем за комплетирање нарачки од клиенти, прием на стока во магацин, следење на промени во залихите и дигитално документирање на секоја операција.

На крајот од сите конверзации, на сите им кажав дека сум новинарка.
-Дали сакате да ни дадете изјава за продажбата на нитазени на Балканот и на кој начин ги избегнувате царинските и полициските контроли предизвикувајќи луѓе да умираат ширум светот?
Сите ја одбија понудата, а еден, бараше да купам од дрогата во замена за изјава.
Неколку индикативни случаи во затворот Идризово
Професорот од Клиниката за токсикологија доктор Нико Беќаровски, за „Слободен печат“ вели дека кога половина килограм метонитазен би пристигнал во Македонија, тогаш државата би можела да се претвори во „територија без жители“.

Професорот предупредува дека Европа е преплавена со овие отрови од тајни кинески лаборатории, а Македонија е целосно неподготвена. На Клиниката за токсикологија не постојат брзи тестови за детекција на нитазени, што значи дека сите останати тестови би покажале негативен резултат, оставајќи ги лекарите слепи пред новата закана.
Проблемот се продлабочува со дефицитот на „налоксон“ – антидот терапија што ги истиснува опиоидите од мозочните рецептори и го враќа пациентот од кома во живот откако ќе прими „налакирана“ супстанција со нитазени или мешавина што содржи нитазени.
Според два извори на „Слободен печат“ кои работат со зависници, „налоксон“ воопшто не е дозволено да се купи во Македонија во аптека и да се носи со себе, како што тоа е случај во некои западни држави, а и самите служби за итна помош и болниците кубурат со препаратот за враќање во живот по предозирање со опиоиди.
-Македонија е во комплетен дефицит со антидотска терапија. Само да се надеваме дека овој бран ќе нè одмине, затоа што последиците би биле трагични – вели доктор Беќаровски.
Тој за „Слободен печат“ открива вознемирувачки сомнежи:
-Имавме случаи со пациенти од КПУ Идризово каде користевме огромни дози антидот за да постигнеме будење. Иако тврдеа дека се работи за метадон, клиничките знаци и количината потрошен лек за будење, сугерираа на фентанил или нитазени. Но, немавме начин да го докажеме тоа – вели тој.
Видеоразговорот со професор д-р Беќаровски е во продолжение:
Затворот во округот Кук (Cook County Jail) во Чикаго, по низата смртоносни предозирања, спроведе сериозна истрага која ги одведе до протонитазенот како еден од причинителите, заедно со уште 9 синтетички дроги прошверцувани како контрабанда во ќелиите, на чуден начин – со натопување на страници на книги, писма и друга затворска пошта во овие синтетички дроги и тоа сите одеднаш.
Некои од нив доаѓале спакувани како обична поштенска пратка. Потоа затворениците ги пушеле овие хартивчиња. Алекс Кротулски од Центарот за форензички истражувања, за „Фокс 32“ изјави дека се сомнева дека овие супстанции најверојатно се нарачани од Кина и мешани сите заедно на листови хартија, со минимално познавање за тоа како тие реагираат меѓу себе или што претставува смртоносна доза.
Балканот е во опасност, а Европа веќе закопува жртви
Нитазените не се само уште една синтетичка дрога на црниот пазар. Тие се екстремно опасни. Стотици смртни случаи се потврдени во државите на Европската Унија, Австралија и САД како последица од „Франкенштајн“ дрогата.
Официјално, нитазените однесоа над 400 животи во Велика Британија за година и половина. Но, реалниот биланс е неизвесен – недоволното тестирање и форензичките пропусти посочуваат на бројни смртни случаи без дијагноза. Еден од дилерите што го лоцирав преку локален огласник, без двоумење потврди дека токму од Лондон наводно можел да организира испорака на оваа супстанција во нашата земја.

Австралиската управа за контрола на граничните премини запленила нитазени забарикадирани во детски играчки и медицински завои.
Естонија со 1.3 милиони жители има епидемија на предозирања со нитазени кои биле додадени во други видови дрога, како хероин и „клупска дрога“. Не постои безбедна доза.
Агенцијата на Европската Унија за дроги лани во август предупреди дека нитазените не се само теоретска закана, туку дека европската статистика сурово го потврдува нивниот погубен потенцијал. Мониторинг-системите покажуваат дека „Франкенштајн“ веќе се шири кон Германија, Франција, Шведска и Норвешка. Балканот не е изолиран од трендот што веќе ја погоди Европа. Огласите се регионални, а неодамнешно истражување на „Детектор“ покажа дека ваква пратка од огласник наводно веќе пристигнала на адреса во Босна и Херцеговина.
„Франкенштајн“ е синтетички опиоид кој никогаш не доби медицинско одобрение – едноставно е пресилен. Развиен во 50-тите години од швајцарскиот фармацевтски гигант „Циба“ кој беше во потрага по помоќни аналгетици, нитазените беа отфрлени уште на стартот. Причината не беше недоволната ефикасност, туку нивниот застрашувачки потенцијал да предизвикаат респираторен колапс од исклучително мала доза (престанок на дишењето).
Денес, опиоидната криза ги воскрена овие „изгубени“ молекули од заборавените лаборатории и ги втурна во нашиот дигитален свет.
Опасната природа на оваа „Франкенштајн дрога“ лежи во нејзината невидливост: таа маскирано се меша или се продава како замена за хероин, кокаин, кетамин, па дури и како лажни апчиња. Секоја доза е „руски рулет“ – предизвик што денес го загрозува целиот свет.
Во огласите што ги најдов, имаше и CAS број – единствен број за интернационална класификација на хемиски супстанции. Дилерите лажно претставуваат дека продаваат нитазен за „хемиски истражувања“ за да ги заобиколат филтрите на огласниците. Но сосема е неможно да се продава оваа супстанција за истражување. Таа одамна е истражена како неприфатлива во медицината. Единствениот начин на кој може да се продава е како илегална дрога.
Нема заплени во Македонија
Царинската управа на Македонија од почетокот на 2025 година до денес (период за кој го поставивме прашањето), нема запленето количина од „Франкенштајн“ дрогата со нејзините подвидови огласувани на Балканот и во Македонија – протонитазен, метонитазен, изотонитазен, етонитазен.

Во врска со вашите прашања Ве известуваме дека поштенските пратки подлежат на задолжителни контроли кои се вршат согласно царинските регулативи. Контролите согласно анализата на ризик може да опфатат детален документарен преглед, но и детален документарен и физички преглед, а согласно поставени критериуми за ризик или основано сомневање од страна на царинскиот службеник за можен обид за нелегален пренос на стока. Во однос на конкретната тема која ја обработувате Ве известуваме дека Царинската управа има на располагање посебни единици кои се високо обучени за анализа, препознавање, детектирање и спречување на обиди за шверц на забранети супстанци. Една од овие единици е и К9 единицата која располага со високо обучени царински кучиња за детекција на психотропни супстанци и наркотични дроги. Воедно, Царинската управа поседува софистицирана опрема за детекција на забранети супстанци меѓу која и апарати за детектирање на хемиски состав на супстанци, велат од Царинската управа на Македонија за „Слободен печат“.
Оттаму додаваат дека доколку се утврди присуство на психотропни супстанции или дрога во поштенска пратка, се поведува истрага.
Како за пример би го издвоиле случајот во кој при преглед на поштенска пратка беше откриена психотропна дрога метилендиоксиметамфетамин, мефедрон и марихуана. Секторот за контрола и истраги спроведе дополнителни оперативни дејствија и при примопредавањето на поштенската пратка лицето беше лишено од слобода и извршен беше претрес на станот каде престојувало. Точниот состав на супстанците се утврдува со вештачење кое се врши по налог на јавен обвинител. Во однос на првите прашања кои се однесуваат на конкретна заплена на вакви супстанци ве известуваме дека немаме евиденција за заплена на конкретните супстанци за кои прашувате, велат од Царинската управа.
Одделот за форензички испитувања при Министерството за внатрешни работи на нашето барање за информација исто така одговори дека кај нив не е евидентирана заплена на овие супстанции. Од МВР ни кажаа дека со оглед на тоа што досега не се регистрирани случаи на заплена, не располагаат со податоци за потеклото на дрогата, ниту начинот на прикривање и транспорт на пратките. Сепак, уверуваат оттаму, имаат начин да ја детектираат дрогата.
Во однос на лабораториската детекција, Одделот за форензички испитувања и вештачења при МВР располага со современа апаратура и аналитички методи за идентификација на нови психоактивни супстанции, вклучително и супстанции од групата на нитазени, велат од МВР.
Од Јавното обвинителство не добивме одговор дали некогаш е поведена истрага за оваа супстанција на територијата на Македонија. „Слободен печат“ побара одговор од платформата на која се појавуваат овие огласи. Оттаму децидно се оградија, тврдејќи дека ваквите примери се изолирани и дека активно соработуваат со МВР, а вршат и рачни проверки. Побаравме ставови од DHL и од FedEx во Македонија. DHL одговорија, а од FedEx до објавувањето на истражувањето не добивме одговор.
DHL исклучително сериозно ја сфаќа злоупотребата на логистичките услуги при вршење нелегални активности и имаме строги безбедносни процедури и повеќе контрамерки низ нашата мрежа за откривање и спречување на испорака на забранети содржини, вклучувајќи наркотични супстанции. Овие мерки комбинираат напредни технологии за скрининг со процеси на следење базирани на ризик. Најважно, нашите вработени во првата линија се високо обучени да препознаваат неправилности. Штом се идентификуваат сомнежи, пратките се подложуваат на дополнителна инспекција и, каде што е соодветно, тесно соработуваме со царинските и органите за спроведување на законот, велат за „Слободен печат“ од DHL Македонија.
ДЕА им влезе во трага на кинеските фабрики
Според податоците на американската Агенција за борба против дрога (ДЕА), кинеското производство на нитазени рапидно се шири низ светот. Ако не се прекине овој нелегален ланец, тогаш овој отров се заканува да ја трансформира опиодната криза во неконтролирана катастрофа во Америка. На аеродромите во Норвешка и Шведска откриени се пакети од Германија и Холандија означени како „електроника“, „производи за убавина“, „примерок за пигмент“, „пластична рамка“ – полни со нитазени.
Иако може да изгледа како дилерите од огласниците да се изолирани играчи, сепак САД веќе имаат регистрирано и санкционирано глобални картели кои ја испишаа историјата на опиоидната криза.
Меѓу нив е „Ханхонг фармацевтска технологија“ (Hanhong Pharmaceutical Technology ) предводена од Ду Чанген, човек одговорен за производство на тонски количини нитазени, фентанил и метанфетамин. Документите на американското Министерство за финансии откриваат мрежи како онаа на „Џиангсу Бангдеја“ (Jiangsu Bangdeya) која преку посредници поврзани со озлогласениот Јип Чуен Фат – човек за кого САД нудат награда од 5 милиони долари го преплави светот со прекурзори а и со протонитазен и метонитазен.

Сето ова сугерира на добро подмачкан систем, кој бара нова цел – жртвите во целиот свет.
Синџирите на снабдување водат до застрашувачки извори. Според истражување на „Белингкет“, „Хиерсун Биотек“ (Hiersun Biotech) компанија која интензивно рекламирала нитазени, била директно поврзана со веб- страници контролирани од „Јафенг Биолошка технологија“ – компанија во сопственост на кинески државен затвор.
Додека ги затворав последните „Телеграм“ конверзации со дилерите, на екранот и понатаму стоеја нивните пораки: „испораката е сигурна“, „нема проблем со царина“, „ќе стигне за неколку дена“. Во светот, ваквите пораки веќе завршија со стотици смртни случаи.


