елисејска палата
Елисејска палата/ Фото: ЕПА

Франција: Нема црвени линии кога е во прашање поддршката за Украина

Нема „црвени линии“ кога е во прашање поддршката за Украина, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан Ноел Баро.

Тој за Би-би-си изјави дека Украина може да истрела француски ракети со долг дострел кон Русија „во рамките на логиката на самоодбрана“, но не потврди дали веќе е употребено француско оружје.

„Принципот е поставен… нашите пораки до украинскиотд претседател Володимир Зеленски беа добро примени“, рече тој во интервју за Би-би-си, кое ќе се емитува утре.

Баро, кој вчера во Лондон разговараше со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами, рече дека западните сојузници не треба да поставуваат никакви ограничувања кога станува збор за поддршката на Украина против Русија и „да не поставуваат и изразуваат црвени линии“.

Запрашан дали тоа може да значи и присуство на француски војници во борбите, тој рече дека Франција не отфрла ниту една опција.

„Ќе ја поддржуваме Украина интензивно и колку што е потребно. Зошто? Бидејќи нашата безбедност е загрозена. Секој пат кога руската армија напредува за еден квадратен километар, заканата се приближува до Европа за еден квадратен километар“, рече тој.

Баро посочи дека ја повикува Украина да влезе во НАТО, како што побара украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Отворени сме за упатување на поканата и затоа во нашите разговори со пријателите и сојузниците, како и со пријателите и сојузниците на Украина, работиме да ги приближиме до нашите ставови“, рече Баро.

Тој посочи дека западните земји ќе мора да ја зголемат сумата што ја трошат за одбрана, пренесува Танјуг.

„Секако дека ќе треба да потрошиме повеќе ако сакаме да направиме повеќе и мислам дека треба да се соочиме со овие нови предизвици“, истакна Баро.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот