„Ролинг стоунс“ / Фото: Profimedia

ФОТО+ВИДЕО | „Ролинг стоунс“ го претставија новиот албум: „И по 60 години, сè уште има нешто ново во нас“

„Ролинг стоунс“ во Њујорк организираа спектакуларна промоција на својот нов албум „Foreign Tongues“, а на настанот присуствуваа бројни славни личности, меѓу кои Леонардо Дикаприо, режисерот Баз Лурман и актерката Одеса А’зион, пишува „Гардијан“.

Пред бендот да излезе на сцената, водителот Конан О’Брајан се пошегувал дека можеби токму овој албум конечно ќе им донесе успех „по децении анонимност“.

Иако зад себе имаат повеќе од 250 милиони продадени албуми и кариера долга седум децении, членовите на бендот велат дека и понатаму имаат желба да создаваат нова музика и да експериментираат.

Новиот албум „Foreign Tongues“ содржи 14 песни и повторно е продуциран од Ендру Ват, кој работеше и на нивниот претходен албум „Hackney Diamonds“ од 2023 година.

На албумот гостуваат и големи музички имиња како Пол Макартни, Роберт Смит од „Кјур“, Стив Винвуд и Чед Смит од „Ред хот чили пеперс“.

„Ролинг стоунс“ / Фото: Profimedia

Мик Џегер открил дека албумот комбинира повеќе жанрови.

„‘Ролинг стоунс’ се рок-бенд, но можеме да правиме и балади, кантри или денс-музика. Не сакаме да останеме заробени во еден стил“, рекол Џегер.

Кит Ричардс низ шега објаснил дека продуцентот Ендру Ват бил човекот што ги држел фокусирани во студио.

„Кога работите не одат како што треба, тогаш го викаме судијата“, рекол Ричардс, покажувајќи кон Ват. „Тој нè крева од задник.“

На промоцијата бендот зборувал и за покојниот тапанар Чарли Вотс, кој почина во 2021 година.

„Чарли му ја предаде палката на Стив Џордан“, рекол Рони Вуд, додека Ричардс додал: „Кога Чарли замина, ни рече: ‘Стив е вашиот човек’.“

Џегер открил и дека делови од песната „Hit Me in the Head“ биле снимени уште со Вотс пред неговата смрт.

И покрај тоа што се повеќе од 60 години на сцената, членовите на бендот велат дека немаат намера да живеат само од старата слава.

„Не сакате само да седите на она што сте го направиле порано. Секогаш има уште нешто во нас“, изјавил Ричардс.

Легендите се враќаат — „Ролинг стоунс“ го открија насловот на новиот албум

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот