Легендите се враќаат — „Ролинг стоунс“ го открија насловот на новиот албум
Легендарната музичка група „Ролинг стоунс“ навестува ново музичко издание, откако преку серија мистериозни објави на социјалните мрежи го откри насловот и дел од обвивката на претстојниот албум, пишува „Фар аут“.
Препорачано
Објавите се појавија на профилите на Мик Џегер, Кит Ричардс и Рони Вуд, кои споделија фрагменти од обвивката. Кога се спојуваат, тие создаваат мозаична уметничка композиција во која нивните лица се споени во едно.
На сликите се појавува и натписот „Foreign Tongues“, што се смета за потврда на насловот на новиот албум. Овој назив претходно беше забележан и на тизер-плакати и билборди низ светот – од Манчестер до Варшава, преведен на повеќе јазици.
Засега нема дополнителни информации за албумот, вклучително и датум на издавање, но обожавателите веќе шпекулираат. Една од теориите се темели на неодамнешниот сингл „Rough and Twisted“, кој бил продаван по цена од 10,07 фунти, што според некои укажува на можно објавување на 10 јули.
Песната „Rough and Twisted“ првично беше најавена под псевдонимот „Cockroaches“, име што бендот често го користи за тајни настапи. Набргу потоа, преку социјалните мрежи беше потврдено дека станува збор за нова песна на „Стоунси“.
„Foreign Tongues“ ќе биде нивно прво издание по албумот „Hackney Diamonds“ од 2023 година, а второ по смртта на легендарниот тапанар Чарли Вотс. И двата албума се реализирани со продуцентот Ендру Ват, кој и претходно потврди дека работи на нов материјал со бендот.
„Кога јазикот е во воздух, едноставно продолжуваш“, изјави Ват, додавајќи дека имале заеднички студиски сесии, но без да открие повеќе детали.
Иако секое ново издание на „Ролинг стоунс“ носи очекувања за турнеја, засега нема најави за концерти. Според извор за „Тајмс“, бендот ќе настапува кога сам ќе одлучи, без конкретни планови.
Ова следува по откажувањето на европската турнеја за 2025 година, како и на плановите за 2026 година, делумно поради здравствените проблеми на Кит Ричардс. Последниот настап на бендот беше на 21 јули 2024 година, со што заврши нивната северноамериканска турнеја.


