Мерцедес/Mercedes-AMG Petronas F1 Team

ФОТО+ВИДЕО: Мерцедес го претстави болидот со кој сака да се врати на врвот

Tимот на Мерцедес ги објави првите фотографии од својот болид за новата сезона во Формула 1, кој ќе има одредени освеежувања, но тука се секако и препознатливите сребрено-црни бои.

„Сребрените стрели“, кои минатата година водеа жестока битка за второто место помеѓу конструкторите и оваа сезона ќе настапат со непроменет возачки состав со Џорџ Расел и  Кими Антонели.

Новиот болид „W17“, како и неговите конкуренти, е помал, потесен и полесен во однос на претходникот, бидејќи е дизајниран и изработен според новите аеродинамички правила.

„Формула 1 во 2026 година влегува во период на големи промени, а ние сме подготвени за таа транзиција. Новите регулативи бараат иновации и целосен фокус во секој сегмент од перформансите. Работата на новиот болид, долгорочниот развој на погонската единица и напредните одржливи горива во соработка со Петронас го отсликуваат токму тој пристап. Објавувањето на првите фотографии од „W17“ е само следен чекор во тој процес и претставува заеднички, континуиран напор на нашите тимови во Бриксворт и Бракли. Ќе продолжиме напорно да работиме и во наредните месеци“, изјави извршниот директор на тимот Тото Волф.

Мерцедес следната недела ќе им се приклучи на останатите екипи во Шпанија на петдневниот „Barcelona Shakedown“. Осумкратниот светски шампион потоа на 2 февруари, ќе организира и официјален настан за отворање на сезоната, на кој пред новинарите ќе излезат возачите и раководниот кадар, но ќе биде прикажан и самиот болид.

Екипата по тој настан патува за Бахреин, каде што се закажани официјалните предсезонски тестирања. Планирани се два тридневни теста на кои тимовите ќе имаат можност дополнително да ги усовршат своите болиди пред стартот на сезоната.

Фото: Mercedes-AMG Petronas F1 Team
Mercedes-AMG Petronas F1 Team
Mercedes-AMG Petronas F1 Team

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот