Фото: Инстаграм/„Бурек брадерс“

ФОТО+ВИДЕО | Браќа од Македонија го освоија Сиднеј со својот бурек! Австралијците не можат да се изнајадат од најомиленото македонско јадење

Приказната за двајцата браќа Никола и Јован Радевски, кои ги напуштиле своите перспективни кариери, за да ја продолжат семејната традиција на нивниот прадедо, стана вистински хит и доказ дека македонската храна е една од најдобрите во светот.

На „Good Food Australia“ е објавено дека „во Сиднеј постои предобра храна за која веројатно не сте слушнале“. Таму можеби многумина и не слушнале за тоа, но всушност, станува збор за храна многу добро позната на нашите простори – бурек!

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Good Food (@goodfoodau)

Браќата Никола и Јован Радевски секое утро печат неколку видови солени и слатки буреци по рецептот на нивниот прадедо Македонец и ги продаваат во нивната бурекџилница „Браќата бурек“ (The Burek Brothers & Co) на Рокдејл.

– Во Сиднеј многумина не знаат што е бурек. Таму им се познати гирото и ѓомлезето, но и понатаму влегуваат и прашуваат што е тоа бурек – вели Јован Радевски.

„Good Food Australia“ пишува дека бурекот на браќата Радевски е една од најценетата храна во Сиднеј. Тестото го полнат со свежа рикота и фета-сирење, а оној со месо е зачинет со мешавина од мелено говедско месо и карамелизиран кромид. Вкупно прават седум видови бурек.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Miloš Nedeljkov (@balkandad)


Во Сиднеј многумина не знаат за бурек, но браќата Радевски пораснале со бурек. Нивниот прадедо Божин Радевски го произведувал, а нивниот татко Ристо Радевски ја продолжил таа традиција во ресторанот за брза храна „Pella Burek“ во Рокдејл.

– Го јадевме секој ден, а татко ни нѐ научи како се прави – вели Јован, чиј татко во 2011 година го затворил тој ресторан.

Иако Јован студирал трговија, а Никола бил воздухопловен инженер, не престанале да размислуваат за бурекот. Во 2018 година изнајмиле простор, го реновирале и поставиле маси за 15 луѓе.

– Моравме да ја продолжиме семејната традиција – вели Радевски.

Целта им била да ја запознаат пошироката заедница во Сиднеј со бурекот, а за да го постигнат тоа, некои работи ги прават поинаку. Тестото е полесно, со сончогледово масло наместо со свинска маст. Се приспособуваат и на прехранбените ограничувања, па бурекот од компири и праз е целосно од растително потекло, но доволно вкусен за да импресионира секого. Состојките ги набавуваат локално, а месото од либански месар или директно од добавувачи во Македонија.

Браќата во август купиле машини за пастеризација и конзервирање за да почнат со производство на сопствена матеница, што се покажало како хит меѓу купувачите. Продаваат и до 400 лименки матеница неделно.

Бурек прават секојдневно, а често и по нарачка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот