Гаража/ Илустрација - Фото: pexels-kordanalev

ФОТО | Во гаража чувал ремек-дело од 15 век вредно 780.000 евра, а немал поим што поседува

Жител на Оксфордшир пред неколку години купил слика без да знае што всушност држи во свои раце. Не ни сонувал дека поседува ремек-дело на италијанскиот ренесансен мајстор од 15 век, Пјетро Ванучи – познат како Перуџино – современик и ривал на самиот Леонардо да Винчи.

Долго заборавената слика „Богородица со детето“ (Madonna and Child) предизвика вистинска еуфорија кога се појави на сајтот на аукциската куќа „JS Fine Arts“ во Банбери. Меѓународни колекционери ги блокирале телефонските линии, а персоналот едвај успевал да одговори на непрекинатите повици.

Кога започнало наддавањето, сцената личела на хаос: 15 минути борба преку интернет, телефон и во самата сала. На крајот, приватен купувач плати 780.000 евра, соборувајќи го претходниот рекорд на оваа аукциска куќа (324.000 евра), пишува „Њујорк пост“.

„Кога падна чеканот, настапи тишина – а потоа силен аплауз“, изјави главниот аукционер Џо Смит. „Тоа беше момент за кој сонува секој аукционер.“

Стручњаците веруваат дека делото навистина може да биде автентично дело на Перуџино – еден од највлијателните ренесансни уметници.

Смит додава дека интересот бил поголем од сè што дотогаш виделе: „Знаевме дека сликата е посебна, но реакцијата беше неверојатна. Колку подолго ја гледате, толку повеќе излегуваат на виделина суптилните детали и елеганцијата на ренесансната изработка.“

Перуџино во свое време важел за уметник рамноправен со Леонардо и, заедно со Ботичели, бил избран да ги украси ѕидовите на Сикстинската капела – долго пред Микеланџело да го наслика славниот таван.

Неговите нежни фигури и меките пејзажи силно влијаеле врз неговиот најпознат ученик, Рафаело Санти, кој подоцна ќе ја засени славата на својот учител.

Анонимниот купувач веќе ја испратил сликата на реставрација, а истражувањето за нејзиното потекло продолжува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот