Фото: Heritage Auctions / Ferrari / Profimedia

ФОТО | Стрип за Супермен заборавен на таванот од семејна куќа, продаден за неверојатни 9,12 милиони долари

Додека го чистеле таванот од куќата на нивната покојна мајка во Калифорнија минатиот Божиќ, тројца браќа откриле нешто што им го променило животот: под куп избледени весници, пронашле еден од првите стрипови за Супермен, пишува Би-би-си.

Оригиналниот примерок од првото издание од јуни 1939 година за авантурите на „човекот од челик“ бил во извонредно добро сочувана состојба. А, сега стана и најскапиот стрип некогаш продаден, достигнувајќи цена од 9,12 милиони долари на аукција.

Аукциската куќа „Херитиџ аукшнс“ со седиште во Тексас, која ја организираше продажбата, ја нарече „врв на колекционерството на стрипови“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Den of Geek (@denofgeek)

Во 2024 година, браќата пронашле шест стрипови, вклучувајќи го и „Супермен бр.1“, на таванот, под куп весници во картонска кутија покриена со пајажина, според „Херитиџ“.

Тие чекале неколку месеци пред да контактираат со аукциската куќа, но кога го сториле тоа, потпретседателот на „Херитиџ аукшнс“, Лон Ален, ги посетил во Сан Франциско во рок од неколку дена.

Браќата, кои одлучиле да не ги откријат своите имиња, се на возраст од 50-ти и 60-ти години, а нивната мајка секогаш им велела дека има вредна колекција стрипови, но никогаш не им ја покажала.

Фото: Heritage Auctions / Ferrari / Profimedia

„Тоа е обратната страна на ‘Мама ми ги фрли стриповите’“, рекол Ален.

Според „Херитиџ“, нивната мајка чувала стрипови уште откако таа и нејзиниот брат ги купиле помеѓу Големата депресија и почетокот на Втората светска војна. Ален додаде дека студената клима на Северна Калифорнија била совршена за зачувување на старата хартија.

„Да беше на таван тука во Тексас, ќе беше уништена“, рекол тој.

Тоа ѝ помогна на ЦГЦ, голема независна услуга за оценување стрипови, да му даде на овој примерок од „Супермен бр.1“ оценка 9,0 од 10, соборувајќи го претходниот рекорд од 8,5.

И со продажна цена од повеќе од 9 милиони долари, вклучувајќи ја и премијата на купувачот, „Супермен бр.1“ лесно го надмина претходниот најскап стрип некогаш продаден, кој изнесуваше 3 милиони долари.

„Акциони стрипови бр. 1“, бројот од 1938 година во кој првпат беше претставен Супермен, беше продаден минатата година за 6 милиони долари.

Најмладиот брат во соопштението за медиумите од аукциската куќа изјави дека кутијата била заборавена во задниот дел од таванот.

„Како што минуваа годините, животот донесе низа загуби и промени. Барањата за секојдневно преживување преовладуваа, а кутијата со стрипови, откако беше оставена со грижа и намера, беше заборавена. Сè до минатиот Божиќ. Ова не е едноставно приказна за стара хартија и мастило. Ова никогаш не беше само за колекционерски предмет. Ова е доказ за сеќавањето, семејството и неочекуваните начини на кои минатото ни се враќа“, рекол тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот